Поништен изборот за судија во Стразбур, Владата формираше нова комисија
Ќе се бираат нови кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права. Владата ја поништи претходната предлог листа на која во потесниот круг влегоа Обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. Разрешена е и комисијата која го спроведуваше изборот..
Одлуката предизвика реакции кај дел од поранешните кандидати, кои сметаат дека е прекршена процедурата утврдена од Советот на Европа.
„Сметам дека секој чекор кој се презема мора да биде транспарентен, образложен и, во согласност со принципите на правичност и правна сигурност. Од тие причини сметам дека треба да бидеме информирани кои услови не ги исполнуваме“, вели за Сител, судијката Габриела Гајдова.
Обвинителката Ристоска пак вели, „Погрешно е расудувањето на Владата дека со некоментирање на поединечните кандидатури се сочувува интегритетот на процесот и нашиот поединечен интегритет. Сосема спротивно, со ова се напаѓа интегритетот на сите кандидати, а се остава и сомнеж за вистинските причини и намери на Владата“.
Претходниот член на комисијата, судијата Осман Кадриу, изненаден од потегот на Владата, смета дека доколку имало забелешки, можело да се побара дополнување на предлогот, а не целосно поништување.
Со новиот предлог, наместо претходните девет, сега комисијата за избор на судија за судот во Стразбур ќе брои пет члена - претседателите на Уставниот, Врховниот, Граѓанскиот и Кривичниот суд, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар