Македонија
17. April 2026 - 16:39

Илон Маск донатор во Стоби

Илон Маск донатор во Археолошкиот локалитет Стоби. Со вкупно 500.000 долари - донаторски пари, се врши конзервација на Теодосијансната палата во Стоби. 100.000 долари од нив доаѓаат од Американскиот институт за римска култура кој се финасира со средства на Илон Маск. Останатите 400.000 се слеваат од Џ.М Каплан фонд чии претставници кажаа дека Стоби е вистинска реткост и во него вреди да се вложува.

Денеска донаторите извршија увид во тековните активности, а на средбата со министерот за култура и туризам се разговараше за продолжување на соработката и можностите за нови донации.

Целта е довршување на конзервацијата на Теодосијанската палата и нејзина соодветна туристичка презентација, како и обезбедување средства за заштита на други објекти во рамки на локалитетот.

Министерството за култура и туризам учествува во финансирањето на Годишната програма за работа на НУ Стоби со вкупна сума од 8.600.000 денари за седум проекти од областа на заштитата на културното наследство, 900.000 денари за четири проекти од областа на музејската дејност и 900.000 денари за набавка на опрема за конзерваторска лабораторија.

И покрај инвестициите и зголемениот интерес, условите за посетителите на Стоби, особено во летните и пролетните месеци, сè уште претставуваат предизвик. Тешко е да се восхитуваш на археолошки дела на високи температури.

Отворањето на центарот за посетители се планира во септември оваа година. Целта е да се претстави дел од културното наследство на Стоби кое досега беше невидливо за посетителите, да се привлечат повеќе посетители и да се обезбеди поголема видливост и финансиска поддршка за заштитата на локалитетот.