Македонија
16. December 2024 - 20:15

Има перфектни но и слаби директори на ЈЗУ

Под лупа директорите на јавните здравствени установи. По новогодишните празници, според информации на Сител неколкумина нема да продолжат со раководните функции. Кои менаџери ќе бидат сменети Арбен Таравари засега не кажува бидејќи во тек биле анализите во министерството за здравство.

Меѓутоа до здравствените власти стигнувале и поплаки од вработени во болници и клиники кои не биле задоволни од односот на претпоставените.

-Ние како Министерство за здравство ги анализираме перформансите на директорите и нормално е таму каде што не се раководи баш како што треба, би требало да имаме промени.

Не сакам да зборувам паушално. Меѓутоа, и од здравствените работници добиваме информации дека во одредени болници, здравствени домови и клиники има незадоволство од тоа што некои директори не се однесуваат баш како што треба, а тие треба да бидат диригенти на една екипа која треба да функционира што поубаво, вели Арбен Таравари, министер за здравство.

Таравари вели дека има „перфектни, одлични, многу добри, добри и слаби директори“, но ќе почека да заврши анализата за да каже кој добил петка а кој единица.

Во меѓувреме во тек се процеси за задржување на средномедицинскиот кадар во земјата.  Со европска помош се образуваат и задржуваат медицинските сестри и тоа со воспоставување на систем за признавање на професионалните квалификации. Овој кадар е најдефицитарен во здравството.