Има услови и идеја за екстремен алтернативен туризам, но нема спасувачки екипи
Понуда и услови за развој на алтернативен и екстремен туризам постојат, но недостасуваат спасувачки тимови. Во државата има голем број локации кои се атрактивни за туристите, а и самите општини се почесто ги промовираат како нивни туристички дестинации, но за да ги посетат странските тур оператори во понудата задолжително бараат и вакви служби.
,, Секој турист, не само член на општеството, некој странски турист или некој кој што не е од нашата општина сака кога ќе дојде на таков вид на туризам да се чувствува безбедно или да знае дека доколку нешто тргне различно од планираното дека ќе има кој да му помогне. Зборуваме за туризам кој што се одвива на рурални или на по оддалечени терени, зборуваме за планинските, меѓутоа ние немаме овде никаква институција или организирана форма која што во таков момент би излегла на терен.,, вели Маријана Тошева – секретар на црвен крст Струмица.
Од дирекцијата за заштита и спасување сметаат дека во секој од осумте плански региони треба да постои најмалку по еден ваков тим. Според нив општините во Југоистокот се подготвени административно, но недостасува поголема практична обука и опрема.
,, Во делот на административната подготвеност , односно имање на планови и проценки, на тимови за спасување тоа се го имаат, значи се подготвени, меѓутоа во наредниот период ќе настојуваме луѓето кои се во самите тимови да бидат повеќе извежбани.,, вели Митко Димчев – инспектор во ДЗС.
Охрид заедно Битола и Тетово се единствените региони во кои постојат обучени тимови подготвени да интервенираат во случај на евентуални несреќи на планина и непристапни терени. Токму искуствата на тимот од Охрид струмичкиот црвен крст планира да ги искористи за формирање на спасувачка служба во југоисточниот регион.
,, Полека и во Југоисточниот плански регион започнуваат со таа идеја и иницијатива за зголемување и подобрување на безбедноста на туристите кои доаѓаат во овој регион. Се надевам дека нашата пракса од минатото ќе можат лесно да ја спроведат и наместо оние 15 до 20 години кои што ние ги поминавме формирајќи ја службата овде ќе се скрати тој временски период.,, вели Антонио Додевски раководител на планиската спасителна служба при црвен крст Охрид.
Искуствата на спасувачката служба од Охрид покажале дека постоењето на вакви екипи освен за развој на туризмот многу е значајно и за безбедноста на локалното население од руралните средини.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
