Инфлацијата падна на двегодишен минимум
Забавува растот на цените. Државна статистика измери инфлација во јули од 2.3%. Месечно, пак, трошоците пораснале незначително, односно за 0,1%.
За една година, храната и безалкохолните пијалоци поскапеле за 1,1%, исто толку и транспортот. Нешто повеќе чинат облеката и обувките, а кај рестораните и услугите за сместување има раст од 4,4%. Најдрастично поскапување има кај алкохолот и тутунот, речиси 10%.
Министерството за економија задоволно од бројките. Сметаат дека податоците од Државна статистика се потврда оти цените се стабилни. Сепак, велат дека и понатаму внимателно ќе ги следат ценовните движења, преку анализа на бруто-профитните маржи, набавните и продажните цени.
„Паралелно, Државниот пазарен инспекторат продолжува со редовни и засилени инспекциски контроли за да се спречат евентуални злоупотреби и неоправдани поскапувања. Во моментов, официјалните показатели не упатуваат на потреба од воведување нови интервентни мерки, бидејќи ценовните движења се стабилни, а кај најзначајната категорија – храната – веќе втор месец по ред се бележи намалување на цените“, велат од Министерството за економија.
Овој резултат од 2,3% е најниската годишна стапка на инфлација измерена во изминатите две години, по август 2024 година кога изнесуваше 2,2%. Со ова продолжува трендот на смирување на ценовниот притисок по пролетниот пик, кога во април годинава инфлацијата достигна 5,7%.
Од светските пазари, пак, стигнуваат поинакви сигнали. Цените на храната во јули го достигнаа највисокото ниво во повеќе од три години. Најмногу поскапеле житарките, а цената на пченицата пораснала за 5,8 отсто. Зголемување има и кај растителните масла, за два отсто, а шеќерот за 5,6 отсто. Причина се високите температури и неповолните временски услови, но и проблемите со извозот поради конфликтите во Иран и Украина.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
