Македонија
19. January 2026 - 16:52

Институциите не кажуваат каде е судијата Ристов, кај кого најдоа 350.000 евра сокриени во ѕид

Институциите не кажуваат каде е апелациониот судија Ѓоко Ристов кај кого вчера полицијата најде 350.000 евра заѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино, за кои сметаат дека се нелегално стекнати. Дали е во полициска станица, дали ќе се бара притвор за него од институциите молк, за една од најопсежните истраги во нашата држава поради сомнежи за висока корупција. 

Од Обвинителството соопштија дека потрагата по уште сомнителни пари и други докази продолжува, а истрагата за Ристов е отворена откако беше уапсен адвокатот Стафа со пари за поткуп, кои требало да ги даде токму на апелационен судија за да се укине притвор за неговиот клиент. 

- Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание, соопштија од Обвинителството.

Ристов како судија има имунитет, за да оди во притвор треба најпрво да заседава Судскиот совет и со мнозинство гласови да му биде одземен имунитетот, но и да одлучат дали ќе оди во притвор. 

Засега Судскиот совет не добил предлог за свикување седница за одземање на имунитет, вели за Сител заменик претседателот на Судски, Аритон Ала. Уште од синоќа контактирал со Кривичниот суд, ја следат ситуацијата, ги известил и колегите за доколку дојде предлог за свикување седница до нив, веднаш да заседаваат за да одлучат. 

Сепак, не значи дека доколку судијата остане без имунитет, за непречено водење на кривичната постапка, дека тоа ќе значи и автоматска согласност за притвор. Во Судскиот совет имаше и случаи кога беше изгласано да се одземе имунитет на судија, но да не се дозволи притвор. 

Ристов се сомничи за противправно стекнување и прикривање имот, а според Законот за судови доклку судијата е затекнат во вршење на кривично дело за кое е запретена затворска казна над пет години, тогаш автоматски останува без имунитет.

Според информации на Сител од Апелација, Ристов изминатава недела земал боледување поради покачен крвен притисок, а и мобилниот телефон не му бил во употреба изминатиов месец. 

Судијата Ѓоко Ристов од 2020 година е судија во Апелациониот суд во Скопје, каде во изминатите години одлучуваше по некои од најкрупните предмети, меѓу кои и таргет-тврдина за масовното незаконско прислушкување, учествуваше и во одлучувањето за укинување на притворот на Сашо Мијалков во предметот Трезор, како и за укинувањето на притворот за Драги Рашковски. 

Во периодот на неговото постапување, до Судскиот совет била доставена претставка со наводи за неоправдано задржување на одредени предмети без донесување одлука.