Интензивно се работи на автопатот Прилеп - Битола, Бехтел и Енка бараат уште околу 400 работници
Интензивно се работи на израдбата на автопатот Прилеп-Битола, но дали ќе биде готов во предвидениот рок во 2027 година денеска не можеа конкретно да одговорат од страна на изведувачот конзорциумот Бехтел и Енка. Автопатот опфаќа 10 мостови, 16 надвозници и 6 подвозници.
Од компанијата истакнаа дека им требаат уште околу 400 работници кои не би сакале да ги увезуваат туку да вратат луѓе од тука.
„Во моментов работиме на 10 км. од 41 предвиден километар. Се работи на фронтови кои се шират кон Прилеп и кон Битола. Нашето проектно семејство во оваа Секција 4 брои 600 луѓе при што повеќе од 55% од тимот доаѓа од локалните заедници. Во моментов имаме 350 вработени од локалните заедници и што повеќе вработиме луѓе од локаните заедници тоа подобро. Ве молам контактиракте не сите кои сакаат да работат со нас имаме многу отворени позиции, од инжинери, финансии, работници кои работат со бетон, возачи и итн..“, истакна Џошуа Бејкер.
Според градоначалниците од пелагониско автопат ќе донесе голем економски развој на регионот
„Со реализирање на овој проект, нашите потенцијални инвеститори кои сакаат да инвестираат во пелагонискиот регион ќе имаат побрз и побезбеден пристап до нашите индустриски зони, односно нашите градови“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Една област која можам да кажам години била запоставувана, сега има исклучителна можност за понатамошен развој во делот на стопанството, економијата, туризмот, протокот на луѓе и стоки“, додае Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
„Ние како мала општина, рурална пред се, нашето население се занимава со земјоделие, тука е и самата трговија од производството на земјоделие, така да мислам општина Могила од овој автопат ќе имаме доста бенефит“, истакна Слободанчо Саботкоски, градоначалник на Општина Могила.
Според изведувачите 80% од планираната експропријација на земјиштето веќе била извршена.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар