Македонија
28. April 2026 - 16:38

ИПАРД средствата повторно се достапни за земјоделците, Брисел потврди дека нема пропусти

ИПАРД средствата повторно се достапни за македонските земјоделци. Министерот Трипуновски вели дека од Брисел денеска пристигнало официјално известување дека не се утврдени никакви пропусти во постапките. 

 „Брисел утврди дека нема неправилности во постапките, системот функционира, а институциите постапуваат правилно, транспарентно и во интерес на земјоделците“, истакна Трипуновски.

Министерот вели дека Брисел никогаш не ги стопирал средствата, но во моментот кога изби скандалот со претходниот директор на Платежната агенција, се активирал националниот механизам за заштита.

„Следеше темелна проверка од ИПА структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции согласно воспоставените процедури. Со ова, сакам да ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозициската партија СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка“, вели министерот 

Скандалот со ИПАРД фондовите изби во ноември минатата година кога тогашниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка Илија Стоилев беше фатен при земање поткуп од 400 евра, по што беше приведен и разрешен од функцијата. Пред два месеци ОЈО ГОК поднесе обвинение против 9 лица и една фирма. Првообвинет е поранешниот пратеник и министер Џевдет Насуфи како управител на фирма која нудела поткуп од 50 илјади евра, за да добие финансиски средства од ИПАРД програмата, иако не биле исполнети законските услови.

Стоилев и уште тројца вработени во Агенцијата пак се обвинети за примање поткуп, бидејќи според обвинението земале 5000 евра за да стават потписи на апликацијата.

ИПАРД 3 е претпристапна програма наменета за земји кандидати за членство во ЕУ, која за Македонија во периодот од 2021-2027 има предвиден вкупен буџет од околу 97 милиони евра.