Македонија
18. December 2023 - 16:41

Истрага зад затворени врати – обдукцискиот извештај за Вања и Панче не е стигнат до Обвинителството

Обдукцискиот извештај за убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се уште не е пристигнат во рацете на Јавното обвинителство. Истрагата се води зад затворени врати. Обдукцијата на телата на 14-годишното девојче и 74-годишниот велешки фризер заврши уште на 5. декември, а извештајот на надлежните треба да ја открие причината за смртта.

„Јавното обвинителство е во фаза на прибирање на сите докази. Извештајот од Институтот за судска медицина не е официјално доставен до обвинителството“, стои во кусото соопштение на обвинителството.

Телата на двете жртви беа пронајдени во близина на Скопје и во Велес. За нивното убиство се осомничени шест лица, пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо се чека да биде екстрадиран од Турција.

Досега, Турција достави дактилоскопски податоци, папиларни линии од првоосомничениот Палчо. Наскоро се очекува да стигне и материјалот за ДНК анализа.

Заменичката министерка за правда во телевизиско гостување порача да не се политизира случајот со екстрадицијата на Палчо, стручно да се говори за истиот, бидејќи во моментот предметот е во друга држава.

За првиот човек на полицијата се реални критиките на американската амбасадорка Агелер, која кажа дека Вања ја платила цената оти криминалците не биле кривично гонети и апсени. Според Спасовски, најголем пропуст е тоа што целиот систем во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите не е консолидиран и има неказнивост во голем број случаи.