Истражните органи бараат докази за дивоградби во Чаир, Сарај, Кисела Вода и Аеродром
Полициски службеници вчера влегле во општините Чаир, Сарај, Кисела Вода и Аеродром за да обезбедат докази и документација за дивоградби. Министерот за внатрешни работи уверува дека истражните органи ги проверуваат документите доставени од градоначалничката Арсовска. Рече дека доколку се утврди дека навистина станува збор за дивоградби и тие се опасност за животот на граѓаните ќе бидат срушени.
- Постапуваат по конкретни наредби доставени од страна на јавен обвинител, а поврзано со бесправна градба. И ова не го говорам затоа што е поврзано со темата се наметнува во последниот период. Ова го говорам затоа што ова е тековна активност на МВР, во континуитет. За разлика од претходно, предметите не се ставаат во фиоки, туку напротив, континуирано се работи и се преземаат дејствија, рече Тошковски.
Јавните обвинители отвориле неколку истраги и предистраги за дивоградбите ширум државата. Републичкиот јавен обвинител вели дека обвинителите ги испитуваат сите предмети поднесени од Аровска. Но, Коцевски не откри за колку спорни објекти се водат истраги, а колку се во предистрага. Само кажа дека станува збор за предмети на територијата на целата држава.
- Јавното обвинителство сите предмети ги испитува и затоа кажав дека дел од предметите се во истрага, а дел од предметите се во предистрага. Она што вчера го слушнав дека градоначалничката поднела нова Кривична пријава. Истата ќе се процесуира во најбрз можен рок.
„А старите?“
- И старите се во тек што значи дека по собирање на материјалите ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Затоа реков – истрага има, а за другиот има предистрага, рече Коцевски.
Арсовска подолго време алармира за злоупотреби во општина Чаир. Според нејзините тврдења, во општината има околу 150 дивоградби кои со фалсификувани документи на диво се приклучуваат на мрежите за електрична енергија и за вода.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар