Истражување: Колку ПХЕВ ја загадуваат животната средина?

Со години, приклучните (Plug-in) хибридни автомобили (ПХЕВ) се претставуваат како компромис меѓу конвенционалните автомобили и целосно електричните возила. Идејата е едноставна: Кратките секојдневни патувања може да се извршат со користење електрична енергија, додека бензинскиот мотор ја презема работата кога ќе се испразни батеријата или кога е потребен поголем досег. Сепак, податоците од возењето во реални услови покажуваат дека приклучните хибриди се однесуваат сосема поинаку на пат отколку на официјалните тестови.
Анализата на организацијата „Транспорт енд енвајронмент (Transport & Environment)“, заснована на податоци од Европската агенција за животна средина, опфати околу 220.000 ПХЕВ регистрирани во 2024 година во Европа. Резултатите покажуваат дека нивните реални испуштања на јаглерод-диоксид можат да бидат неколкукратно повисоки од оние наведени во хомологациските тестови. Според официјалните тестови, просечните испуштања на проучуваните ПХЕВ-возила изнесуваат околу 24 грама ЦО2 по километар. Меѓутоа, во реални услови на возење, таа бројка се зголемува на приближно 145 грама по километар. Тоа е само околу 14 отсто помалку од просекот од 169 грама ЦО2 по километар што го емитуваат конвенционалните автомобили со бензински или дизел мотори.
Можеби една од клучните причини лежи во начинот на којшто се користат приклучните хибриди. ПХЕВ-возило, по правило, поседува два погонски системи – мотор со внатрешно согорување и електромотор поврзан со батерија на полнење. Кога батеријата е целосно наполнета, автомобилот може да се движи на електрична енергија или со комбинација од електричниот и бензинскиот мотор. Сепак, штом батеријата ќе се испразни, возилото продолжува да се движи со помош на моторот со внатрешно согорување.
Проблемот лежи во тоа што официјалните тестови претпоставуваат одредено ниво на возење на електричен погон, додека во реални услови возачите не секогаш доволно често ги полнат своите батерии. Ако автомобилот првенствено се вози со празна батерија, неговата дополнителна тежина – вклучувајќи ја и големата батерија, станува товар што бензинскиот мотор мора да го придвижи. Ова може да ја зголеми потрошувачката на гориво, а со тоа и испуштањето гасови. Европската Унија планира во 2027 година да ги ревидира таканаречените „фактори на користење“ – метод што се користи во официјалните пресметки за да се земе предвид степенот до кој автомобилот се потпира на електричен погон. Целта е резултатите од тестовите подобро да се усогласат со реалното однесување на возачите. Од друга страна, Европското здружение на производители на автомобили се залага за одложување или целосно напуштање на оваа промена. За производителите, построгиот метод на пресметка би резултирал со повисоки пријавени емисии на ЦО2, што потенцијално би го отежнало исполнувањето на европските цели за емисиите.
И покрај овие сознанија, „плаг-ин“ хибридите не исчезнуваат од пазарот. Во првата половина на 2026 година, тие учествуваа со 9,8 отсто во вкупниот број регистрации на нови автомобили во Европската Унија. Ова го покажува континуираниот интерес за овој вид возила, но истовремено го отвора и прашањето колку прецизно бројките наведени во каталозите и рекламите ја одразуваат реалноста при секојдневното возење. ПХЕВ-возило може да биде значително поефикасно ако редовно се полни и ако голем дел од секојдневното возење се одвива со електричен погон. Сепак, кога се користат како автомобили на бензин, предноста може да биде многу помала отколку што посочуваат фабричките податоци.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ
-

Преглед на вестите од светот
-

Реакции на посетата на Фон дер Лајен
-

Бугарија ги пречека останките на Цар Самоил со државни и воени почести
-

Горивата поевтинуваат од следната недела, се преговара со ОКТА за дополнителен попуст
-

Минчев од Националната академија за јавна администрација на Италија
-

Продолжува пензионерскиот „бунт“ во Свети Николе
-

Меморијален турнир во чест на загинатите бранители
