Македонија
31. July 2025 - 16:48

Избор на претседател на ДКСК и Народен правобранител пред локалните избори

Собранието распиша конкурс за нов претседател на Антикорупциската комисија откако Татјана Димитровска беше фатена во корупциски скандал дека оддавала службена тајна на осомничен во случајот Адитив“ и откако Обвинителството откри дека нејзин колега од Заводот за ревизија го положил нејзиниот тест за сертификат за државна тајна.

Новиот претседател на ДКСК треба да добие поддршка од мнозинството пратеници, но таму процедурата е малку подолга бидејќи пратениците ќе мораат да извршат интервју со сите кандидати, па да дадат оценка за нив. Кандидатите ќе треба да бидат оценети и од претставници од Невладините, но и од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Засега намерата на власта е изборот на нов претседател на ДКСК да го направат пред локалните избори. Освен прв антикорупционер, пред изборите, пратениците ќе треба да изберат и нов Народен правобранител.

- Ќе гледаме да ги распишеме изборите до крајниот датум кој законски сме обврзани. Ќе чекаме до крај за да секој ден го употребиме во насока на реализација на овие две цели, два предизвика кои ги имаме сега. Значи, изборот на Народниот правобранител и претседател на Државната комисија за спречување на комисијата, рече Гаши.

Фатон Сељами доби поддршка од пратениците во Комисијата за избори и именувања за кандидат за нов Народен правобранител. Предлогот дојде од помалиот коалициски партнер ВРЕДИ. Станува збор за правник кој има долгогодишно искуство, а бил и дел од канцеларијата на Омбудсманот.

- Работел во Агенцијата за информации во 2005 и 2006. До 2008 работел во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во октомври 2008 е вработен во Канцеларијата на Народниот правобранител на РСМ во Скопје. Во 2018 се именува за генерален секретар во Министерството за правда до 2020. И од 2020 е во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. И од 2023 е раководител на Одделение за политички систем во Скопје во рамките на истиот сектор во Министерството за правда, рече пратеникот Беким Ќоку од ВРЕДИ.

Но пратениците од албанскиот опозициски блок се против Сељами да биде кандидат за нов Омбудсман. Ја напуштија Комисијата за избори и именувања тврдејќи дека пратениците од ВРЕДИ само слепо ги следат носоките од ВМРО-ДПМНЕ.

- Поради неприфатливиот однос од наша страна и луѓе кои минираат се, што може да претставува елемент на демократија во Северна Македонија и ние во минатото и сега сме дејствувале, кога луѓе кои го продале политичкиот морал внатре во ВМРО и само креваат рака кога некој ќе му рече: Гласајте“. И во вакви комисии не може да земеме учество и во знак на протест ја напуштаме со колешката Арбана оваа Комисија, рече Илире Даути од Европски Фронт.

За избор на нов Народен правобранител на власта ќе и биде потребно бадентерово мнозинство. Односно, за Сељами глас ќе мора да дадат 21 пратеник од заедниците.