Свет
18. March 2026 - 11:48

Израел ги интензивира нападите врз Бејрут, најмалку 12 загинати

Израел денеска ги интензивира воздушните напади врз централниот дел на Бејрут, при што загинаа најмалку 12 лица, триесеттина се ранети и уништена е 10-катна зграда, соопштија либанските власти.

Бејрут беше цел на напади во текот на ноќта кои продолжија и утрово, особено во јужните предградија кои се под контрола на либанската милитантна група Хезболах, која Израел интензивно ја бомбардира откако Хезболах, со поддршка на Иран, влезе во војната на Блискиот Исток во знак на поддршка за Техеран.

Доцна синоќа, Хезболах соопшти дека лансирал повеќе ракети и дронови, како и артилериски оган врз Израел, што претставува еден од неговите најинтензивни напади во оваа војна. Либански безбедносни извори наведоа дека во првиот бран биле лансирани речиси 100 ракети.

Израелската војска денеска соопшти дека во текот на ноќта извршила бран напади насочени кон инфраструктурата на Хезболах, откако групата вчера истрела десетици проектили кон Израел.

Централниот дел на Бејрут беше погоден во четири воздушни напади во текот на осум часа, а цели беа згради во неколку населби на непосредна оддалеченост од центарот на градот и седиштето на либанската влада. Портпаролот на израелската војска упати предупредување на социјалните мрежи пред еден од нападите, но не и пред преостанатите три.

Израелската војска соопшти дека погодила објекти на финансиската институција Ал-Кард ал-Хасан, поврзана со Хезболах, во Бејрут, како и дека израелската морнарица гаѓала припадници на Хезболах во градот, без да ги наведе точните локации.

Во нападот извршен околу 01:30 часот по полноќ уништени се неколку ката од станбена зграда во населбата Зукак ал-Блат. Истовремено, во напад во блиската населба Баста разурнати се најмалку два ката од друга зграда. Подоцна, околу 05:30 часот наутро, во посилен напад целосно е уништена зграда во населбата Башура. Во четвртиот напад, околу 08:00 часот, погоден е кат од друга зграда во Зукак ал-Блат, на околу 50 метри од местото на претходниот напад.

Пред нападот на Башура, израелската војска на социјалните мрежи објави предупредување со означување на зградата за која наведе дека е објект на Хезболах. Во тој случај немаше извештаи за жртви. Предупредувања не беа издадени пред нападите врз Зукак ал-Блат и Баста.

Целните населби се историски мешани квартови на Бејрут во кои живеат голем број шиитски муслимани и каде Хезболах и неговиот сојузник, движењето Амал, имаат политичко влијание. Либанското министерство за здравство соопшти дека во нападите во Бејрут загинале 10, а ранети се 27 луѓе.

Повеќе од 900 луѓе загинаа во Либан во израелските напади откако Хезболах на 2 март влезе во регионалната војна во знак на поддршка за Техеран, додека повеќе од милион луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, наведуваат либанските власти.

МИА