Јаневска до првачињата: Освен знаење, побарајте и братче или сестриче, за повторно да ги отвориме затворените училишта

Спремни сме за учебната година, учебници има, видливо е дека инфраструктурата се подобрува, дека обезбедуваме технички помагала и сè што е потребна. Имаме кошничка со поевтин училиштен прибор. Им пожелувам на сите многу, многу успех, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани во општина Бутел на првиот ден од учебната 2026-2027.
Како и при посетата на ОУ „Киро Глигоров“ во скопската општина Центар претходно денеска, Јаневска им посака успех на учениците и нивните наставници, со порака вредно да учат и да другаруваат.
Во однос на затворањето на училишта во државата, главно во руралните средини поради недоволен број ученици, Јаневска со пораки за подобрување на демографијата.
- Ако продолжиме вака ние постојано ќе затвораме училишта. Оттука можеби порака до првачињата: освен да бараат да стекнат знаење, можеби треба да бараат да стекнат братче или сестриче за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме. Населението да стане свесно колку човечкиот капитал е значаен, пред сè за нив самите и нивниот живот и, секако, за нивната држава – нивната татковина. Затоа што сите знаеме што значи да се живее во една прогресивна и доброразвиена земја, рече Јаневска.
На новинарско прашање за намалениот број на првачиња од околу 3000 за разлика од лани, на ниво на држава, Јаневска претходно, од ОУ „Киро Глигоров“, одговори дека „демографијата е посебна наука и многу нешта треба да се направат во тој правец“, а дека во образованието се воведени многу мерки со кои се подобруваат условите за учење.
- Пред две години направивме три сликовници за од прво до трето одделение, со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“. Се надевам дека училиштата ги користат. Сè што правиме е многу сериозно - инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња, рече министерката.
Јаневска вчера на прес-конференција во пресрет на почетокот на учебната година информираше дека поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта, а вкупно 148 се празни училишни објекти во државава, претежно во руралните средини.
Во 2026-2027 ќе има 433 паралелки помалку - 222 помалку во основното образование и 211 во средното поради припојување на паралеки со по неколку ученици, односно реорганизирање на наставата.
МИА
Ново на Сител
-

Американската војска соопшти дека ги обновила нападите врз цели во Иран
-

Ердоган на средба со Путин порача дека односите меѓу Турција и Русија се на најнапредно ниво
-

Во Србија 18 заболени од западнонилска треска, седум повеќе од претходната недела
-

Сиднеј ја регистрира најтоплата зима откако се води евиденција
-

„Сејф сити“ почна да ги лови и мотоциклистите - Детектирани девет прекршоци уште на првиот ден
-

Скопската вода безбедна за пиење и со добар квалитет
-

Нема оштетување на таблата на македонската амбасада во Софија, велат од МНРиНТ
-

Татко баран со потерница за обид за убиство, на бугарска ТВ ја брани ќерка му на која ѝ се суди за смртна сообраќајка
