Јаневска: Квотите за упис се намалени на сите универзитети, завршува дистрибуцијата на учебниците во училиштата

На сите универзитети соодветно се намалени квотите за упис на студенти во прва година бидејќи пазарот на труд е заситен со одредени струки и има невработени, за разлика од други струки каде што вработливоста е многу висока, па некаде се јавува и недостиг.
Во пресрет на уписите на универзитетите, министерката Весна Јаневска во интервју за МИА вели дека оваа година на сите универзитети има намалено околу 2000 места, но уверена е, вели, дека сите студенти ќе си го најдат своето место таму каде што сакаат да студираат.
- Повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидејќи таму се појавува поголем број на невработени, во медицинските струки. За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти, изјави Јаневска.
Очекува дека на крајот на месецов да продолжи дискусијата за трите закони за високо образование и наука, кои во Собранието се блокирани од албанскиот опозициски блок, кој инсистира на Бадентеров принцип при нивното носење.
- Сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно. Јас сум длабоко убедена дека ќе надвладее разумот затоа што тоа е во корист на сите млади од земјава, истакнува Јаневска.
Првите два темелно реконструирани студентски дома – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ од оваа академска година ќе почнат да примаат студенти. Сместувањето во „Стив“ ќе биде од 1 октомври и тој е влезен во конкурсот, а „Кузман“ ќе ги отвори вратите подоцна, веројатно од 1 ноември, и конкурсот ќе биде дополнително објавен.
Ќе следува втората и третата фаза од етапната реконструкција на студентските домови низ државата и за сите реновирани домови сместувањето ќе биде по нова цена. Сега тоа ќе важи само за домот „Стив Наумов“ каде што износот од сегашните 3.500 денари е зголемен на речиси 6.000 денари.
- Државата повторно ќе партиципира повеќе од студентите, што е во ред и е наша политика, но измени ќе мора да се направат. За малата партиципација имавме забелешки и од Државниот завод за ревизија, каде што се побара да се разгледа повторно прашањето за учеството и на студентите и на државата. Ова прашање е долготрајно, 20 години овој проблем не е решен. Зошто четворица министри пред мене во последните седум години не се зафатиле да го решаваат проблемот, јас не би знаела да кажам, но овој моментален модел не е добар и е неиздржлив, додаде министерката.
Во интервјуто таа вели дека дистрибуцијата на учебниците во училиштата веќе завршува и ќе нема недостиг за учебната 2026/2027 година, а училиштата што навреме не пријавиле потребно количество ќе треба самите да обезбедат учебници зашто МОН испорачува според нарачаното.
За над 4000 првачиња запишани помалку од лани, Јаневска рече дека бројот не е конечен, ќе биде помал до крајот на септември и се должи најмногу на неажурноста на родителите, кои не ги запишале своите деца, и на раководствата на училиштата кои не ги завеле во Е-дневникот.
- Дополнително, уписот треба да е завршен, но искуството кажува дека многу години наназад одреден број ученици се запишуваат на крајот на август, значи очекуваме да почне тој упис за околу 10 дена, и да се движи до крајот на септември, вели министерката.
Ново на Сител
-

Водата во Гостивар од денеска е безбедна за пиење
-

Втор смртен случај од западнонилска треска во Македонија - расте бројот на новозаболени, повеќето се од Драчево
-

Македонија вчера го имаше најтешкиот ден годинава во борбата со пожарите
-

Голем пожар во туристички места во регионот
-

Македонците кои летуваа во Сивири чекаат безбедно да се вратат дома
-

Груби обвинет за дело со пет години затвор, истрагата го сомничеше за проневера со казна до 20 години
-

Николоски: Протестите не се решение, со билатерални договори го решаваме проблемот на превозниците
-

„Везилка“ и студентите на ФИНКИ веќе развиваат алатки базирани на вештачка интелигенција
