Македонија
24. April 2026 - 11:20

Јаневска: Набргу ќе слушнеме уште една, многу покрупна неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата македонска јавност

Многу бргу ќе слушнеме уште една, многу покрупна неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата македонска јавност. Има многу неправилности во одредени институции, не во сите, и за нив ќе се постапува по закон.

Дали била виновна администрацијата или раководството, дали некои студенти учествувале во ваквите дејства, ќе утврдат соодветните органи - изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска коментирајќи ги случувањата на Филозофскиот факултет на УКИМ, каде што од 2019 година противзаконски се запишувале студенти на едногодишни магистерски и докторски студи иако додипломските им биле тригодишни стручни, а не академски.  

Се работи за седуммина запишани на магистерски и четворица на докторски студии и нивните уписи, по решение на ДПИ, се поништени и им е прекинато студирањето. Досега не докторирал ниеден, а магистрирале осумина, за кои нема решение дали дипломите ќе им бидат важечки. 

Јаневска рече дека Државниот просветен инспекторат (ДПИ), чиј извештај го добила доцна вчера, утврдил каде се пропустите и според тоа ги донел и одлуките како треба да се постапува.  Како што рече, Инспекторатот постапувал по поплкаки и жалби на поединци. 

-Во текот на викендот ќе го обработиме (извештајот) и во понеделник веќе ќе носиме решение. Министерството и Државниот просветен инспекторат немаат избор, тие мора да постапуваат по закон. Го разбирам апсолутно револтот на студентите, но постојат други институции каде што тие ќе си ги бараат своите права. Она што е во ингеренции на МОН од понеделник ќе биде завршено. Сè друго во соодветните институции, за да биде и по закон и правадата задоволена. Она што јас како министер и оваа Влада се залагаме и многу пати сме го рекле е дека ќе се работи по закон. Постои закон по кој студентите требало да бидат запишани на втор и на трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат вели дека тој закон е прекршен. Мене ми е многу жал за тоа што им се случува, но кога се запишувале на втор и трет циклус некој требало да им каже и тие самите да проверат каде се запишуваат, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на новата лабораторија на Стоматолошкиот факултет на УКИМ. 

Посочи дека Агенцијата за квалитет во високото образование од формирањето до пред осум месеци не направила ниту една евалуација, а дека во изминатите осум месеци  се направени голем број евалуации со кои се утврдуваат неправилности. 

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и кандидатка за реизбор, Биљана Ангелова, изјави дека откога ќе заврши целиот процес ќе објават официјален став за тоа „кој е исходот од целата оваа ситуација“ на Филозофскиот факултет на УКИМ.

-Оваа состојба е затекната за сите нас. Се случувало во периодот помеѓу 2019 и 2022 година, во едно сосема друго опкружување и друго раководство. Останува да бидеме трпеливи и да го почекаме конечниот извештај на инспекцијата и да се постапи и тогаш и ќе дадеме официјално известување за исходот од целата оваа состојба, рече Ангелова.

На новинарско прашање дека се засегнати и студенти, кои со завршени тригодишни стручни студии, се запишале на едногодишни магистерски во изминатите две-три години, ректорката одговори дека мора да го види извештајот за, како што рече, да не се манипула со податоци за одделни студенти.

-Повторно ќе се испита и нивната состојба, и тие се дел од оваа анализа и ќе гледаме во иднина да го премостиме ова. Веројатно ќе се акредитираат и нови студиски програми, ќе се презапишат ако е потребно, меѓутоа законската регулатива мора да биде исполнета. Претходните биле стручни студии и не може да продолжат во понатамошна едукација на академски студии, рече ректорката.

Биљана Ангелова ќе учествува во трката за втор мандат за ректор на УКИМ. Изборите ќе се одржат во вторник, 28 април, нејзин противкандидат е проф. Дарко Данев од Машинскиот факултет. Таа вчера не учествуваше на претставувањето на двајцата кандидати за прв човек на УКИМ, кое го организираше Независниот академски синдикат (НАкС).

-Тоа не беше во организација на Универзитетската изборна комисија, ниту на Универзитетот. Информацијата од НАкС ја добив во понеделникот и им најавив дека во текот на вчерашниот ден нема да бидам присутна затоа што веќе претходно имав закажано конференција којашто беше во Охрид. Инаку, нашето претставување, на сите единици на Универзитетот и пред целата академската заедница, беше направено во текот на овој изборен период, рече Ангелова.

 

МИА