Македонија
23. December 2025 - 16:27

Јаневска: Нема предвремен распуст поради загадувањето и зголемениот број на болни деца

Учениците нема да заминат порано на зимски распуст поради загадувањето и зголемениот број на болни деца со грип и останати респираторни инфекции. Ова е ставот на министерката за образование. Таа потенцираше дека во министерството немаат информации за загрозување на здравјето на децата и секогаш ќе одлучувале во нивна корист. Распустот останува од 31 декември до 20 јануари.

-Жал ми е што мора да направам груба споредба, но во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава се додека нивното здравје не е загрозено. Ова го велам заради коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени. Не, не се. Доколку здравјето им е во прашање, секако лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но доколку не е ништо сериозно, сметам дека и да отсуствуваат ден-два не е проблем. А би било проблем, како што во минатото се случуваше, да ги скратуваме учебните денови, учениците да отсуствуваат затоа што родителите ги носат на поевтин одмор, за да се подготват за писмена итн. Овие негативни појави полека ќе треба да почнеме да ги отстрануваме, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Иако и утринава главниот град повторно беше покриен со магла, од министерството за животна средина информираа дека во Скопје и Струмица се укинуваат мерките и препораките поради загадениот воздух зошто среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3.