Македонија
26. November 2026 - 19:33

Јаневска: Новите закони за високо образование и наука се приоритет и дел од реформската агенда

Законите за високо образование, Законот за научно истражување и Законот за квалитет во високото образование се еден од чекорите кои понатаму ќе треба да го исполниме во реформската агенда како приоритет во образованието во Македонија, истакна денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Одговарајќи на прашање на пратеничката Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, на собраниската седница наменета за пратенички прашања, минисерката повторно упати апел до пратениците да надвладее разумот за поддршка на законите, затоа што, како што подвлече, Извештајот на Европската комисија е извештај за државата.

- Министрите се менливи, владите се менливи, но ќе остане доброто што ние го правиме за граѓаните. Оттука, ако сакаме и следната година добар Извештај за граѓаните, не за Владата, како што еднаш кажав Владата е менлива, повикувам на разум во полза на младите, на учениците, на образованието, столбот за развој на целата држава, столбот за развој на економијата, човечкиот капитал, индустријата, земјоделието, правдата, сето она што ја сочинува државата. Доколку не најдеме сили да се здружиме барем за одредени нешта и доколку сѐ уште круто и цврсто се држиме за популистички политики, нема да има штета Владата, ќе има штета државата, ќе имаат штета, без исклучок, сите граѓани на оваа држава - истакна Јаневска.

Извештајот на Европската Унија, посочи, е тесно поврзан со реформската агенда, но и со другите активности кои Министерството за образование и наука ги презема. 

Според министерката, првиот чекор кој го исполниле биле опремувањето на 160 основни училишта со ИТ опрема, безжична опрема и современи ИТ алатки, кои овозможуваат безбеден пристап до интернет и ограничување содржини кои не се предмет на интерес и не се соодветни за возраста на децата, а овозможува и континуирано запознавање на учениците со современите технолошки достигнувања. 

- Многу пати сум зборувала зошто е ова значајно, многу е значајно затоа што последните сучувања кажуваат дека пристапот до несоодветни содржини од интернет кај нашите ученици и секаде во светот, можат да предизвикаат несакани дејства. Но од друга страна, другиот ефект е дека учениците се запознаваат со дигиталната технологија, што е неопходно во денешно време - посочи Јаневска.

Вториот чекор, додаде, е усвојувањето нова методологија за финансирање на основното образование, кое применето при изготвување на националнио буџет за 2026 година.

- Станува збор за праведна распределба на средствата кон локалната самоуправа за финансирање на образованието. Предвреме, односно пред определениот рок тоа е направено и за средно образование. Претходно, по историски принцип се доделувале средства, сега по барање на Европската Унија, во соработка со УНИЦЕФ, Светската банка, донесовме методологија која првенствено се засновува на бројот на ученици во училиштата и бројни други параметри, категории на училишта, струки; одредени струки бараат повеќе средства, на пример, машинската, електро, за разлика од правната да речеме или гимназиската, сето тоа е вградено во двете нови формули - посочи министерката за образование.

Како дел од реформската агенда чекаат одговор за 95% од основните и средните училишта да имаат најмалку еден кариерен советник, како и вклучување на 700 приватни компании вклучени во дуалното образование, за што привршува процесот на акредитација.

Извештајот на Европската Унија, според Јаневска, имал позитивна забелешка на законската регулатива, проширената мрежа на регионални центри за средно стручно образование, инветициите во науката... 

- Извештајот генерално ни наоѓа замерка во високото образование, каде што децидно вели дека работиме по застарени студиски програми, без оглед на автономијата на универзитетите, која беше многу актуелна во време на подготвување на трите закони и која според мене апсолутно неоправдано беше предимензионирана. Во законите тврдам нема ништо што нарушува автономија. Стануваше збор и за начин на применување на студиските програми, нешто што се вика модуларност, што сега го нема и што значајно придонесува на квалитетот на високото образование - рече Јаневска.

МИА