Македонија
16. December 2025 - 16:36

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски си поднесе оставка

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, поднесе оставка. Ја напуштил функцијата, бидејќи како што рече, предлогот за негово разрешување инициран од Владата, бил политички мотивиран и правно неиздржан.

„Од почеток тврдев дека евентуална постапка за мое разрешување е политичка одлука. Затоа, денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Сверна Македонија. Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку, затоа што како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвините на самостојно и независно одлучување“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител. 

Дека заминува од раководното место во Обвинителството, Коцевски, информираше речиси во исто време кога почна собраниската седница за негово разрешување. Не бил таму бидејќи доцна ја добил поканата и немал време да се спреми, па наместо говор за пратенците, Коцевски до собранието испратил оставка.

„Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, поднесе барање за разрешување од функцијата јавен обвинител. Собранието утврди дека Коцевски е разрешен од функцијата јавен обвинители. Собранието нема да го разгледува предлогот за разрешување на јавниот обвинител, кој беше на дневен ред на собраниската седницата, бидејќи стана неважен“, изјави Африм Гаши, Претседател на Собрание.

Коцевски остана на ставот дека владата немала аргументи да го разреши. Работел неселективно, гонел лица блиски до политички и бизнис центри на моќ. Во рекордно време завршила истрагата за „Пулс“, обвинение против претседателаката на Антикорупциска, истрага за злоупотреба на европските пари ги посочи како успех во неговата речиси двегодишна работа. Кажа дека и Европската комисија во својот извештај забележала полиитчки притисоци врз правосудството, а како што вели, пример за тоа бил и предлогот за негово разрешување.

„Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда“, вели Коцевски.   

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека со оставката Коцевски признава оти Јавното обвинителство не може да работи со изгубен легитимитет, под товар на политички влијаниија од претходната власт и селективна правда.

„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот. Тоа е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност“, изјави Бране Петрушевски, Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

За Опозициската СДСМ, притисокот за смена на јавниот обинител е сценарио на власта за преземање на Обвинителството и судството.

„Притисокот за смена на Јавниот обвинител е дел од сценариото на ДПМНЕ и Мицкоски за целосно преземање на Обвинителството и Судството. Обвинител под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ. Судии под контрола на Мицкоски и ДПМНЕ. Целосна окупација и партизација на судството, враќање на „тефтерчињата“, погребување на правдата“, велат од СДСМ.

По оставката на Коцевски, сега на потег е Владата. Таа веднаш треба да му предложи на собранието да распише оглас. Во период од 15 дена, право да се пријават ќе имаат јавни обвинители со најмалку 10 години работен стаж или судија кривичар. За секој од пријавените кандидати, мислење дава Советот на јавни обвинители, а за тоа ја информира владата. Таа пак избира кој од кандидатите кои добиле позитивно мислење ќе му го предложи на Собранието за државен јавен обвинител. До изборот, Советот на јавни обвинители треба да назначи вршител на должноста.