ЈО: Запалка за цигари ја крена во воздух фабриката во која загинаа три лица
Запалка е причина за пожарот во фабриката за пиротехника во Сопиште во кој лани летото животот го загубија три лица, покажа истрагата на јавното обвинителство. За целиот случај извршена е реконструкција за што биле ангажирани вешти лица од Институтот за хемија при ПМФ. Анализирале неколку можни причини. Заклучено е дека само отворен пламен можел да предизвика пожар.
- Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител сослуша 10-тина сведоци, меѓу кои клучен бил исказот на еден од работниците во фабриката, кој како очевидец сведочеше дека слушнал звук од запалка непосредно пред пожарот. Запалката била употребена од едно од настраданите лица во пожарот. Воедно, при увидот на лице место пред просторијата е пронајдена запалка и мобилен телефон, кои му припаѓале на еден од загинатите работници, од чија почетна работна позиција беше утврдено дека започнал пожарот, се наведува во соопштението од основното јавно обвинителство.
Увидот покажал и дека иако имало упатство за лични мерки за заштита на работниците односно забрана за внесување цигари, запалки, алкохол, дрога, мобилни телефони, клучеви и други остри предмети во фабриката, вработените не ја почитувале забраната. И државниот инспекторат за труд утврдил пропусти и непридржување кон прописите за заштита при работа. Поради ова обвинителството поднесе обвинение за кривична одговорност против управителот и правното лице на фабриката за приротехника ИЦЕ-МАК.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
