Јужната граница е најчест избор на мигрантите за илегален влез во Македонија
Јужната граница останува најризично подрачје кое мигрантите го користат за илегален премин и влез на македонска територија. Дури 94 проценти од илегалните премини регистрирани во текот на оваа година биле откриени во близина на граничните камења и села во гевгелискиот регион како и долж автопатот „Пријателство“. На овој дел од државата се откриваат и најголемиот дел од обидите за криумчарење.
Само во изминатите неколку дена полицијата спречи два такви обиди во кои со патнички возила криумчарите се обиделе на превезат неколку државјани од Куба и Сирија. За таа намена во едно од возилата бил направен и специјален бункер во кое било сместено едно од лицата.
За разлика од лани кога мигрантите најчесто се превезуваа со поголеми возила и камиони, годинава во повеќето случаи криумчарите користат патнички возила.
Според полициската статистика за девет месеци само на подрачјето на регионалниот центар Југ биле спречени 16 обиди во кои требало да бидат прокриумчарени 249 мигранти. Статистички март и април биле месеците во кои се откриени најголем дел од овие кривични дела, дoдека најмала откривачка активност е забележана на почетокот од годината и во третото тримесечје.
Паралелно со криумчарењето продолжуваат и обидите за илегален премин на границата, но годинава тие имаат намалување.
Од јануари па заклучно со септември, на југот од државата биле спречени 13 272 обиди за илегален премин што е значително помалку доколку се направи споредба со истиот период лани кога се регистрирани над 21 илјада такви обиди. И годинава мигрантите кои сакаат македонската територија да ја користат за транзит доаѓаат од Пакистан, Авганистан Сирија и Бангладеш, но ги има и од Индија, Сомалија и Куба.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар