Македонија
16. February 2021 - 16:35

Како ќе изгледа државната матура?

Се уште не се прецизирани деталите за тоа како ќе се полага државната матура но бројот на предмети е договорен. Не е познато ниту кога ќе почне и колку време ќе се одвиваат испитите. Од Бирото за развој за Сител потврдија дека се укинува еден од екстерните предмети. Матурантите ќе полагаат два екстерни, два интерни предмети и проектна задача.

Прашањата за екстерните испити ги составува ДИЦ а за интерните училиштата. Ова е една олеснителна околност, бидејќи до лани се полагаа три екстерни и само еден интерен предмет.

Задолжителен е првиот екстерен испит македонски, албански или друг мајчин јазик и литература.

Вториот екстерен предмет е изборен. Кандидатите од гимназија и стручно образование избираат помеѓу математика или странски јазик кој го изучувале. Оние кои учеле во средно уметничко ќе избираат помеѓу странски јазик или филозофија.

Учениците сами ги избираат интерните или училишни испити  во зависност од тоа на кој факултет сакаат да се упишат. Дел од факултетите имаат листа на предмети кои ги признаваат , други пак немаат ограничувања.

Проектната задача до сега се избираше од листата наставни предмети и во неа се проучува проблем како учениците би покажале практична способност за  примена на стручниот предмет.

За интерните предмети учениците најверојатно ќе добијат база на прашања со кои полесно ќе се подготват. Ваквиот модел на полагање беше применуван од 2008 до 2013 година.

 Дополнително во план е да се скратат испитните програми но тоа засега не е потврдено. Промени ќе има и во бодирањето но надлжените не откриваат детали. За да се излезе по пресрет на матурантите од Бирото за развој велат понудиле поволни измени и се надеваат на конечен договор. Останува матурантите да ги усогласат своите  ставови и да одговорат. Познато е дека помеѓу средношколските здружување постојат несогласувања и различни барања за државна матура.