Македонскиот идентитет се негува, јазикот и културата се нашиот корен
Со спомените за родниот крај, но и со пораки за зачувување на македонскиот јазик, култура и идентитет, беше одбележан 8 Септември на традиционалната меѓународна средба на децата бегалци од Егејска Македонија. Во фокусот е сеќавањето на генерациите кои никогаш не се вратија во своите родни огништа, но и правата на Македонците во Албанија.
Со нивата територијална поделба, Пустец останува македонска општина во Албанија.
-Петнаесет општини се скратуваат во Република Албанија, но тоа што е најважно и најбитно за нас Македонците е што Општина Пустец останува и во предлогот на владејачката партија и на опозицијата, изјави Едмонд Темелко, претставник на македонската заедница во Албанија.
Барањето сега е истите права да ги имаат и Македонците во Голо Брдо и Гора, особено кога станува збор за зачувувањето на јазикот и можноста децата да учат на мајчин јазик.
-Се надеваме во иднина и таму да почне да се учи кириличкото писмо и македонскиот јазик во училиштата каде има значителен број деца Македонци, додаде Темелко.
Јазикот е еден од столбовите на идентитетот, а неговото зачувување, особено надвор од границите на Македонија, е обврска на секоја генерација.
-Да не очекуваме дека во секое најмало место во светот ќе имаме училишта по македонски јазик, зашто македонскиот јазик се пренесува од колено на колено.Секоја мајка има обврска да го научи своето чедо да го зборува македонскиот јазик, да го научи на кирилицата, да го научи на македонските песни, ора, игри, на македонската традиција. Да се биде Македонец е чест, но и обврска, да се зачува македонскиот индентитет низ вековите кои ни доаѓаат, изјави Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеништво.
За децата бегалци и нивните потомци, празникот е повеќе од одбележување на независноста.
-Македонија имаме обврска да ја чуваме, да ја градиме и да ја оставиме на нашите поколенија, изјави Трајче Димков, потпретседател на сојузот „Мекедон“.
Од споменот за родниот крај до обврската кон идните генерации, пораката од денешната средба во Штип е јасна, македонскиот јазик, култура и идентитет се наследство што мора да се зачува и пренесе.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
