Македонија
3. March 2026 - 16:35

Како ќе се враќаат Македонците од Блискиот Исток?

Ако треба ќе полета и владиниот авион – државата ги подготвува сите опции за евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Блискиот Исток.

Министерството за надворешни работи вели дека разработува планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион.

За тие што се во Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можност за комерцијален или чартер-лет

„Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија“, информираат од МНР.

Со помош на Министерството, шестмина наши граѓани од Израел веќе обезбедиле авионски билети од Египет кон Скопје.

Од почетокот на конфликтот досега, вкупно 473 македонски државјани контактирале со македонските служби во Тел Авив, Доха и Абу Даби.

Ангела Николовска која живее во главниот град на Катар, Доха, вели дека им стасале пораки во форма на наредба дека не смеат да ги напуштат домовите. Денеска, за разлика од вчера, вели дека е помирно и не се слушнати експлозии. Туристите кои биле затекнати таму, добиле бесплатен престој до 10 март.

Инаку, денеска во Белград слета авион со 200 српски државјани кои се вратија од Дубаи со комерцијален лет.