Калас: Признавањето на Палестина нема да ја подобри хуманитарната состојба во Газа
Подобрувањето на хуманитарната ситуација на Газа на што постојано работиме, не зависи од признавањето на Државата Палестина, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Кала,с по средбата на шефовите на дипломатиите на Унијата со нивните колеги од Бразил, Индија и Мексико, што се одржа синоќа (22 септември) во Њујорк.
„Сите европски земји го поддржуваат решението за две држави. Значи, за да имаме две рамноправни држави, преземени се чекори од некои земји членки во врска со признавањето, со цел да се испрати јасен сигнал дека европските земји ги поддржуваат и Палестинците во овој конфликт. Тоа значи безбеден и сигурен Израел и одржлива палестинска држава“, рече Калас.
Според неа, министрите биле јасни во своите ставови дека решението за две држави е најдобрата шанса за траен мир на Блискиот Исток, бидејќи поддршката на овој модел значи дека всушност постојат и Израел и Палестина.
Таа истакна дека актуелната ситуација во Газа претставува „катастрофален неуспех на човештвото“ и ја повика израелската Влада веднаш да ги отстрани сите хуманитарни ограничувања.
„Јасно е дека Хамас (САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) мора да го положи оружјето и да ги ослободи сите заложници, но и проширувањето на доселеничките населбите и анексијата на територии се некомпатибилни со мирот. Во Европската Унија се обидуваме да го насочиме фокусот кон помагање на луѓето на терен и вистинско подобрување на хуманитарната ситуација. Ние сме најголемиот донатор на хуманитарна помош и силен поддржувач на Палестинската самоуправа“, рече Калас.
Високата претставничка на ЕУ додаде дека на состанокот станало збор и за војната во Украина, нагласувајќи дека со секој руски воздушен напад се намалуваат перспективите за мир.
„Русија покажува апсолутен презир кон секој обид за дипломатија. Постојаните нарушувања на воздушниот простор на Европската Унија од страна на Москва се неодговорни, опасни и ризични ситуации што можат да излезат од контрола, а ние треба да бидеме цврсти“, рече Калас, додавајќи дека во тој правец е и новиот пакет санкции кон Русија, што Европската комисија го предложи во петокот.
Калас истакна дека влијанието на војната на Русија се чувствува и надвор од Европа.
„Секој ден Русија ги крши основните принципи на Повелбата на ОН. Заедно со нашите колеги, денес разговаравме и за тоа дека мултилатералниот поредок е навистина нешто што сите треба да го браниме, а Повелбата на ОН е во неговата суштина“, додаде Калас.
МИА
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова: Потребна е поддршка за членство во ЕУ | ВИДЕО
-
Николоски во работна посета на Атина, ќе се разговара за подобро регионално поврзување
-
Рама: Косово мора да ги исполни условите на ЕУ или ќе остане изолирано
-
Реакција на ВМРО-ДПМНЕ
-
Сообраќајниот метеж во Њујорк го натера Макрон да му се јави на Трамп | ВИДЕО
-
Ѓоковиќ се враќа на теренот, го потврди настапот во Шангај
-
У15: Македонските фудбалери поуспешни од Косово
-
Лавров: Киев го издигна неонацизмот на ниво на државна политика