Камионџии и натаму добиваат црн печат, ЕК ќе презентира преодно решение следната недела
Додека се чека конечно решение на проблемот, македонските камионџии кои транзитираат низ Шенген, а надминале 90 во 180 дена, и натаму добиваат црни печати во пасошите. Од асоцијацијата „Макам транс“ велат дека досега 13 возачи добиле забрана за влез, а 7 биле депортирани, но нагласуваат дека ова не е конечна бројка.
- Тие што се депортирани, а не добиле забрана или црн печат кога ќе имаат луфта од барем 30 дена, ќе можат да почнат да работат, ама само за тие 30 дена, бидејќи од денот кога ќе ве запрат 180 дена наназад се оди. Тие што добиле забрана мора да чекаат да помине забраната. Некои има по 2 месеца, еве вчера што ги запреа тие возачи добиле по 2 месеца забрана, меѓутоа има и со поголеми забрани, од година дена, три месеци, шест месеци, зависно од државата која се прави контролата - изјави Билјана Муратовска од „Макам транс“.
Муратовска очекува трајно решение за 2 до 4 месеци, а дотогаш, за да се избегнат вакви ситуации, како привремено решение предлага на возачите да не им се бројат печатите во пасошите. Тоа, според неа, Европската комисија може да го направи брзо, со донесување на одлука повикувајќи се на новата визна стратегија со која камионџиите за првпат се признааваат како професионалци.
- Како преодно решение би го прифатиле доколку се донесе одлука да не се контролираат возачите како што се правеше изминатиот период и на влезовите и во средината на државите на ЕУ. Се запираа возачите, буквално ги „ловеа“ кога се одмараа на одредени паркинг плацови, ги будеа среде ноќ за да им ги земат пасошите и да ги прегледуваат – рече таа.
Познавачите велат дека Западен Балкан е важен за европската економија и затоа има интерес проблемот да се реши.
- Очекувам на превозниците да им се даде посебен статус, како што пример имаат пилотите. Значи тие професии кои бараат подолго задржување на границите или во земјите членки без да се има постојано престојувалиште таму. Ние како Западен Балкан кога сме заедно како регион имаме значајна улога во економијата на Европската Унија и тука се гледа нивниот интерес да се реши овој проблем и мислам дека ќе биде решен – кажа Димитар Николовски од „Евротинк“.
На вчерашниот онлјан состанок претставници на Европската комисија им кажале на министрите од шесте земји од Западен Балкан дека се разгледува можноста камионџиите да добијат третман како пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електорнски систем за влез и излез. Наредната недела треба да биде презентирано преодно решение.
Како што пренесуваат регионалните медиуми, на состанокот претставниците на Србија и Босна и Херцеговина рекле дека ако не престанат апсењата и депортациите на возачите, во блиска иднина пак ќе има блокади.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
