Камионџиите чекаат решение од ЕУ: Времената мерка може да го олесни престојот
Европската унија не ги отфрли барањата на камионџиите, туку процесот за решение е во тек - вели претседателката на „Макам транс“, Билјана Муратовска по објавите дека Европската комисија ги одбила предлозите од земјите од Западен Балкан за олеснување на престојот на возачите во Шенген.
Според Муратовска, новата визна стратегија на ЕУ ги признава возачите како професионалци, но сега се бара преодно решение до следниот состанок на Европската комисија предвиден за две недели. Како привремена мерка, превозниците предложиле да не се бројат деновите поминати во транзит со цел да не добиваат црни печати поради правилото 90 дена во 180.
„Ние тоа сите го кажувавме, меѓутоа не е дадено како барање за да биде одбиено. Тоа е разликата. Значи ние пративме допис со почетокот на самите протести и го пративме тој допис до ЕК, меѓутоа јас не го сметам како нешто кое е разговарано веќе па да биде одбиено. Затоа работната група треба да изнајде некој начин“, изјави Билјана Муратовска, „Макам Транс“.
Од Брисел засега нема конечен одговор, а дел од регионалните превозници најавуваат можни протести ако во рок од две недели не се најде решение. Муратовска смета дека блокадите нема да помогнат и предупредува дека без договор, возачите ќе ги потрошат дозволените денови и нема да може да работат.
„Рокот од две недели е рокот кој е зададен за новиот состанок. Ќе разговараме после тоа за било што кога ќе добиеме некој одговор. Да видиме што и како ќе биде. Значи, активните блокади нема да мора да се прават бидејќи возачите ќе немаат слободни денови за да можат да возат, и тоа е исто блокада“ вели Муратовска..
Од Министерството за транспорт, велат дека разговорите со европските институции се интензивни.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на ЕК. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни. Како Министерство, апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот. Особено не на шпекулации од соседните држави“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Додека се чека одлуката на Брисел, камионџиите кои го надминуваат лимитот од 90 дена и натаму се соочуваат со црн печат и забрана за влез во Европската унија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
