Македонија
3. February 2026 - 16:43

Камионџиите можеби ќе бидат изземени од новиот електронски систем за влез и излез од ЕУ

Се разгледува можноста камионџиите да бидат третирани исто како пилотите и машиновозачите – ова им било кажано од Европската комисија на министрите од Западен Балкан на денешниот онлајн состанок. Тоа значи дека има опција и транспортерите да бидат изземени од електронскиот систем и додека работат да не им се бројат деновите како да се на шетање. 

На состанокот, освен министерот за транспорт Николоски, присутен и бил и првиот човек на МВР Тошковски, како и заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков. 

- Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската Комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај – информираат од Министерството за транспорт.

Добра вест е и тоа што воведувањето на биометрискиот електронски систем за влез и излез во Шенген, наместо во април, се одложува за септември, што им дава дополнително време и простор и на превозниците за да работат и на надлежните за да преговараат. 

- Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво – велат од Транспорт.

Ова е втор состанок на оваа тема, откако минатата недела во Брисел се одржала подготвителна средба со амбасадорите на „Балканската шесторка“. 

Транспортерите од Македонија, Србија Босна и Херцеговина и Црна Гора минатата недела четири дена ги блокираа граничните премини. Се пожалија дека правилото за престој од максимум 90 во период од 180 дена за нив не е применливо. Европската Комисија усвои нова визна стратегија која остави простор за промена на ова правило за камионџиите, по што блокадите беа отстранети.