Свет
25. August 2026 - 19:42

Канада воведува нови царини за американските производи, трговската војна се заканува да ги погоди и Американците

Канада од 8 септември ќе воведе царини од 15 до 50 отсто за повеќе од 700 американски производи, во обид да ги изедначи своите царини со американските – соопштија денеска канадските претставници.

Канада особено ќе ги зголеми царините за американскиот челик и алуминиум од 25 на 50 отсто, изедначувајќи ги со царините од 50 отсто што САД веќе ги воведоа за канадскиот челик и алуминиум пред најновиот круг американски царини. Канадските власти ја претставија мерката како начин за заштита на домашното производство.

Царините што САД неодамна ги воведоа за канадските производи „ќе имаат реални последици за канадските работници, бизниси и заедници низ целата наша земја“, изјави канадскиот министер Франсоа-Филип Шампањ на прес-конференцијата во вторникот.

– Канада мора да одговори, а денеска тоа го правиме на пропорционален, насочен и стратешки начин – додаде тој.

Овие возвратни царини се само дел од мерките со кои располага Канада во сè поголемата трговска војна со САД. Освен царините, Канада има и други инструменти, меѓу кои и ограничување на извозот на клучни производи во САД.

Покрај челикот и алуминиумот, возвратните царини главно се однесуваат на сектори како што се производството на хартија, градежните материјали, апаратите за домаќинство и земјоделските производи, вклучително млечните производи и морските плодови, објави Си-ен-ен.

Според американските податоци за трговијата, најновите американски царини опфаќаат околу пет отсто од стоките што САД минатата година ги увезле од Канада, додека канадските царини опфаќаат околу шест отсто од стоките што САД ги извезле во Канада.

Канада е втор најголем извозен пазар за американските производи и е меѓу главните дестинации за голем број стоки опфатени со новите увозни царини. На пример, Канада минатата година беше најголем извозен пазар за американските апарати за домаќинство, купувајќи производи во вредност од над една милијарда долари, од кои повеќето сега ќе бидат оптоварени со царина од 25 отсто.

При најавувањето на возвратните мерки, канадските власти претставија и пакет-помош вреден 7,5 милијарди канадски долари (околу 5,4 милијарди американски долари) за поддршка на домашните компании погодени од новите царини.

Ризикот за Американците е во тоа што високите канадски царини би можеле да ја намалат побарувачката за овие производи, што би можело да ги принуди работодавачите да ги намалат работните часови или, во некои случаи, да отпуштаат работници.

Американскиот претседател Доналд Трамп веќе сигнализираше дека би можел да отиде чекор понатаму од најновите царини во трговскиот спор со Канада, заканувајќи се дека царините за канадските автомобили и автомобилски делови ќе ги зголеми на 50 отсто од 1 јануари.

Во уште еден знак за продлабочување на несогласувањата меѓу двете земји, претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе го преименува езерото Онтарио во „Американско Езеро“.

„Се занимавам со многу земји, а Канада убедливо е најтешката и најнеразумната“ –  напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл.

– Ако Трамп ги спроведе повисоките царини за автомобилите или го ескалира спорот на друг начин, Отава би можела да употреби други мерки. Канада би можела да го ограничува извозот во САД на клучни производи, како што се енергенсите и калиумовите ѓубрива – изјави Дајмонд Изингер, стратешки советник за политики и поранешен специјален советник за односите меѓу Канада и САД.

Друг ранлив сектор е електричната енергија. Премиерот на Онтарио, Даг Форд, во интервју објавено вчера изјави дека Канада треба да биде подготвена да го прекине извозот на електрична енергија кон САД доколку трговската војна се влоши, со што на маса би се ставила потенцијално моќна мерка. Онтарио снабдува со електрична енергија неколку американски сојузни држави, меѓу кои Њујорк, Мичиген и Минесота. Канадски претставници порачаа дека во однос на ова прашање „ништо не е исклучено“.

Таквите мерки би можеле дополнително да ги зголемат цените со кои годинава се соочуваат Американците. Вкупно, трошоците за живот се зголемени за 3,4 отсто во однос на истиот период минатата година, според податоците за јулскиот индекс на потрошувачките цени. Цените на бензинот, кои се зголемени за речиси 25 отсто во споредба со минатата година, значително влијаат врз финансиите на потрошувачите. Поскапело и снабдувањето со енергија за домовите, при што електричната енергија и гасот преку цевководи се поскапи за околу четири отсто на годишно ниво.

Царините би можеле да им отежнат на американските компании да ги продаваат своите производи во Канада. Од друга страна, ограничувањата на извозот на енергенси, електрична енергија или критични минерали би можеле да ги зголемат трошоците за американските компании и потрошувачи, со тоа што клучните суровини и ресурси би станале поскапи или потешко достапни.

На пример, минатата година Онтарио накратко воведе дополнителна такса од 25 отсто за извозот на електрична енергија во САД. Тогаш владата на Онтарио процени дека мерката ќе влијае врз 1,5 милиони американски домаќинства и ќе ги чини до 400.000 канадски долари (околу 280.000 американски долари) за секој ден додека важи таксата.

Ограничувањата за овие клучни канадски производи би можеле брзо да ги почувствуваат американските компании и потрошувачи и да им го отежнат работењето, оцени Изингер

МИА