Карневалски денови за Прочка во Прилеп, денеска се одржа Детскиот карневал, утре е главното дефиле
Денеска во Прилеп по пауза од неколку години повторно се возобнови т.н. Детски карневал како дел од Меѓународниот Карневал Прочка. Маскираните учесници тргнаа од дворот на ООУ „Кочо Рацин Прилеп“, а потоа движејќи низ прилепската чаршија продефилираа до плоштадот Методија Андонов Ченто каде ги изведоа свои точки.
„Ние сме преправени во домино, доаѓаме од градинките „Наша Иднина“ објектот на Работнички. Работевме околу месец и половина на оваа маска, прво со нејзина изработка, потоа со вежбање за настапот“, истакна Васе Ајтоска, воспитувач во детски градинки „Наша Иднина“ во Прилеп.
„Во доброто секогаш има лошо, а во лошото има секогаш добро. Тоа е нашата маска, работевме една недела и ние сме 100 деца од сите 4 класа од ООУ Кире Гаврилоски – Јане“, вели Гаврил Јанески, ученик во ООУ Кире Гаврилоски – Јане.
„Ние сме група хемичари кои доаѓаме од ООУ Гоце Делчев и ќе претставиме една точка со правење на вулкани, повикување на духови, ќе ни бидат запалени рацете и слично“, додаде Кети Иваноска, наставничка по хемија од ООУ Гоце Делчев.
Сите основни училишта истакнаа дека се подготвувале подолг период за да ги претстават овие маски пред публиката.
„Јас Анастасија Здравеска ние сме весела фарма и ние имаме млекарки, овци и кокошки“, рече Анастасија Здравеска, ученик во ООУ Добре Јованоски.
„Ние сме шаховски фигури и го прикажуваме училиштето ООУ Рампо Леквката“, кажа Ирина Цветаноска, ученик во ООУ Рампо Леквката.
Оваа година карневалот се одбележува под мотото „100 години Прилепски Мечкари и 25 години Карневал Прочка“.
„Здружението „Прилепски Мечкари“ е едно од најактивните во градот, затоа што тоа е амбасадор на културата на Прилеп и Македонија. Имаме настапувано во повеќе европски земји, каде што бевме забележани доста позитивно и придонесовме Прилеп да се впиши во картата на туризмот, затоа што за Прилеп откако постои прилепскиот Карневал Прочка, Европа со тоа разбра кои сме, каде сме и зошто сме“, истакна Ванчо Ѓорѓиевски, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“ Прилеп.
Главното дефиле ќе се случи утре со почеток во 13 часот кога освен маски од Прилеп и Макединија ќе настапат и гости од Србија, Бугарија, Албанија и Црна Гора.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
