Македонија
31. January 2026 - 18:41

Казнетата новинарка Вејсели: Срамен преседан е да бидам казнета зашто го објавив името на судијата, во Тетово и Гостивар не е како во Скопје

Новинарката Љиридона Вејсели се жали на Апелациски суд на пресудата со која е казнета со 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, бидејќи во новински текст објавила име на судија од Основниот суд во Тетово.

-Ова е срамен преседан. Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку директен удар врз слободата на медиумите и јасна порака за заплашување на новинарите. Ако изнесувањето факти и именување одговорни лица се казнува, тогаш оваа држава не ја штити демократијата, туку молкот, изјави  Вејсели.

Како што вели, 12 години се занимава со новинарството, пред сè истражувачко, шест години го има порталот на албански јазик paCensure и девет години предава новинарство на Државниот универзитет во Тетово.

Казнета е по пресуда на судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар, зашто го спомнала судијата Иљази во тема во која пишувала за кривично дело. 

-Обработив тема за случај што го следев, за возрасно лице кое на малолетничка ѝ праќал порнографски материјали со погрдни зборови и закани дека ќе ги објави нејзините лични податоци и фотографии. Ја напишав темата, соработував со полиција и тој веднаш беше одведен во притвор. Потоа судијата Назиф Илјази го осуди на само три месеци затвор. Јас соопштив само дека судијата Назиф Илјази пресудил три месеци затвор и ништо друго, рече Вејсели. 

Во писменото образложение на пресудата од судијката Мишоска стои дека Вејсели е казнета за кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“ затоа што на 28 октомври 2024 година, без согласност на судијата Назиф Илијази, од нејзините профили на ТикТок и Инстаграм објавила видеа во кои ги користела неговите лични податоци, име и презиме, со што му наштетила на неговата чест и углед во неговата професионална дејност, која ја извршува повеќе од 37 години во Основниот суд во Тетово. 

Новинарката Вејсели смета дека носењето на првостепената судска пресуда на Основниот суд Гостивар од 12 јануари 2026 има врска со друга тема што ја објавила пред три недели на нејзиниот портал – за прегазен малолетник од возило во Гостивар, случај во кој, како што рече, судијата го ослободил возачот.

Вели дека трпи притисоци и постојано добива закани за тужби.

-Секој ден ме бараат во обвинителство – ќе те тужиме за ова, ќе те тужиме за она. Воопшто не се чувствувам слободно. Во Тетово и Гостивар не е како во Скопје. Овде мене не сакаат ниту да ме видат во суд, прават сè за да нема новинари и јавност, додаде Вејсели.

На пресудата  од Основниот суд Гостивар денеска реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која соопшти дека изразува сериозна загриженост, оценувајќи дека „ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи“.

-Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана, соопшти АВМУ.

Во одговор на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски денеска го осуди случајот за кој смета дека е ограничување на слободата на говорот. 

-Јас не можам од судијата да побарам одговорност, бидејќи не сум тој кој именува судии, таму има Судски совет. Но, најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба да се однесуваат етички, да служат да ја информираат јавноста. Слободата на говорот е пред сè и над сè и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам и апелирам тоа да не се повторува во иднина, без разлика дали е од страна на некој политичар, некоја јавна личност, судија во случајот, бидејќи тоа може да се толкува како ограничување на слободата на говор, рече Мицкоски.

 

МИА

Ново на Сител