Македонија
25. October 2023 - 16:40

Ќе биде ли дозволен отстрел на кафеава мечка во Македонија?

Откако полицијата целосно ќе го расчисти случајот во кој 76-годишен жител на Пласница беше нападнат од кафеава мечка, надлежните од Центарот за управување со кризи ќе побараат од министерствата за земјоделство и животна средина да направат проценка дали се исполнети условите за отстрел на истата.

Ловењето на мечките во Македонија според Законот за ловство е забранет. Но, во член 16, став 5 е наведено дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да

5) го дозволи ловот на трајно заштитен дивеч, ако прави штети во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите, по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Првиот човек на ЦУК стои на ставот дека е против убивање на мечките, но кога постои опасност од загрозување на човечкиот живот, тие само ја покренувале процедурата до надлежните министерства. 

„Ги сакам мечките, но ги сакам луѓето повеќе“, изјави директорот на ЦУК.

Од теренската проверка, Ангелов кажа дека опасноста од мечките во селата била значително намалена, но сепак биле забележани неколку во Ростуше, Требиште и Жировница. Се појавувале во ноќните часови, барајќи храна. Вработени лица во националниот парк „Маврово“ поставиле четири хајки околу ризичната околина на селата.

Следниот чекор е формирање на координативно тело кое ќе одлучува за потамошните постапки во однос на опасноста од мечки во земјата. Ангелов ги повика и еколошките здруженијата да се вклучат во процесот. Организациите пак кои работат за заштита на животните апелираа до надлежните, сериозно да и пристапат на темата, да се консултираат со експерти за изнаоѓање на решение,  кое нема да вклучува отстрел на животните.