Ќе има ли нови оставки или смени на директори на клинички?
На бирото кај министерот за здравство готови се 33 извештаи за платите на здравствените менаџери што ги правеше Фондот за здравствено осигурување. Беким Сали побарал дополнителни анализи по што ќе биде познато уште колку медицински и економски директори ќе ги напуштат канцелариите. Неофицијално, неправилности има кај најмалку уште тројца. Засега само Аспазија Софијанова и Нино Васев се повлекоа и добија замени а разрешен беше и организацискиот од Детска. За премиерот Ковачевски нема селективност во кадровските промени а Сали дури им се заблагодари што биле свесни и поднеле оставки.
- Јас тука морам да изразам благодарност бидејќи кај нив имаше разбирање и се согласија за доброволно повлекување од функцијата што зборува за свесноста кај нив да се признае грешката која што се правела во континуитет“, изјави Беким Сали министер за здравство.
Контроли ќе има во сите јавни здравствени установи, но само за платите на менаџерите – дали бил почитуван колективниот договор и има ли злоупотреби на дежурства.
- Дежурството на директори е дадено како можност, а не како обврска за оние директори каде нема доволно кадар за пружање услуга во континуитет. Опслужувањето 24/7 бара број на кадар што е спремен за пружање квалитетна услуга кон пациентот, вели Сали.
Според здравствените власти Софијанова по барање на министерот поднесе оставка поради утврдени неправилности од фондовските контроли а Васев го напушти директорскиот кабинет поради наводното немање на терапија за болните.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
