Македонија
6. November 2023 - 16:33

Ќе има ли политичка одговорност за скандалот на Онкологија?

Дали и кој ќе понесе политичка одговорност за скандалот на Онкологија ќе биде познато најрано за еден месец.  Анкетната комисија во петокот заврши со сведоци и експерти и овој период членовите ќе ја разгледуваат обемната документација а ќе чекаат и дали Собранието на пленарна седница ќе прифати продолжување на нивната работа. Ако барањето не добие мнозинство гласови на 3 декември треба да има заклучоци за кои претседателката на Комисијата очекува да бидат доставени и до Обвинителството.

-Ќе се разгледува политичка одговорност од прва и од втора линија. Во прва линија политичка одговорност согласно законските прописи се надлежните министри. Во меѓувреме, одолговлекувањето на заклучоците пред се на Обвинителството, остава црна дамка и ги загрозува сите лекари во клинички центар, сите лекари во јавните здравствени установи и апелираме Обвинителството што побрзо да излезе со имиња и презимиња, вели Рашела Мизрахи претседател на Анкетна Комисија за скандалот на Онкологија.

И додека членовите на Анкетната ги читаат документите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека не очекува од оваа власт правна разврска на скандалот Диво месо во Онкологија.

-Со оваа влада не очекувам, бидејќи многу факти беа кажани, многу докази беа изнесени на работата на Анкетната комисија во рамки на Собранието. Најмалку што требаше обвинителството да ги повика да дадат исказ по допрен глас, но како што може да видите тоа не се случува, изјави Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа од СДСМ и прашуваат дали Мицкоски сака да ја поткопа истрагата на Онкологија.

Одговорност за сите инволвирани во случајот на клиниката за Онкологија ќе има. 

После 20 години, гласини и индиции за прв пат во време на СДСМ, институции влегоа и направија акција за расчистување.

Постојаното изнесување невистини од страна на Мицкоски и ДПМНЕ ја поткопува и загрозува истрагата за Онкологија.

Според срамното однесување на Мицкоски прашање е дали неговата единствена цел е да ја попречи правдата и да заштити некој од инволвираните во случајот, блиски до ДПМНЕ, стои во реакцијата на владејачката партија.

А за обвинувањата од опозицискиот лидер со соопштение се огласија и медицинските сестри од Онкологија кои ги демантираат наводите на Мицкоски дека не се знае каде завршуваат дозите од лековите кои не се аплицирани.

Сите лекови кои се требуваат од Аптека и има остаток од истите, се употребуваат за следни пациенти. Остатокот не се фрла, со цел заштеда на истите. Остатокот е уредно евидентиран во амбулантски дневник во Одделот за цитостатска терапија-Дневна болница, велат сестрите од клиниката.