Ќе се подобрат ли условите во болницата во Бардовци по фаталната тепачка?
„Се каам за она што го сторив, нема да го повторам делото кое е најголема грешка во мојот живот“. Токму овие зборови пред 13 години ги кажа сега веќе 35-годишниот неготинчанец на обвинителна клупа во велешкиот суд, откако брутално ја убил неговата мајка. Но, вчера по физичка пресметка во психијатриската болница Бардовци каде што е сместен поради убиството на мајка му, убил друг пациент со стаклено шиле, кој бил сместен таму поради извршено кривично дело семејно насилство.
По овој чин, зовреа социјалните медиуми. 35-годишниот неготинчанец има два Фејсбук профили. Од објавите кои се јавно достапни може да се забележи дека во повеќе наврати излегувал од болницата во Бардовци и посетил угостостителски објекти. на неговиот профил може да се најдат и вознемирувачки содржини.
Неготинчанецот моментално се наоѓа на Одделот за лекување на осудени лица при болницата, под надзор на полициски службеници по усмена наредба на дежурниот Јавен обвинител. Од Обвинителството се уште без детали за конкретниот случај. Оттаму за Сител велат дека се уште се постапува по предметот.
Дали по овој инцидент службите ќе го вклучат црвениот аларм?
Пензионираниот народен правобранител Зибери во 2023 година направи ненајавени посети во психијатриски болници и затвори.
Тогаш во психијатриската болница Скопје, наишол на фрапантни состојби. Пациентите слободно се шетале низ градот иако немале дозвола, немале доволно тарапија за нив, а вработените добивале закани.
Ваквите состојби се вметнати и во крајните извештаи за 2023 и за 2024 година. Но, Зибери тврди дека состојбите и денеска не се променети, а препораките неисполнети.
Зибери алармира дека е неопходно да се засили делот на обезбедување, но под итно и да се вработи соодветен кадар за оваа психијатриска болница да функционира како што треба.
За министерот за здравство ова било лекција, но и поттик да се зголеми инвестирањето во инфраструктурата на здравствените установи.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар