Клековски: Бројот на прегледи во Гостивар се намалува, засега нема нови зарази

Бројот на прегледи на заболени со стомачни тегоби во Гостивар се намалува и претпоставка е дека тоа е заради првите мерки, изјави попладнево министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Гостивар.
- Според последниот извештај имаме преполовување на бројот на нови прегледи, односно првпат прегледани пациенти, односно 293 нови случаи. Тоа е преполовување во однос на саботата, кога беше врвот на епидемијата. Претпоставка е дека препорачаните мерки за населението, како и исклучувањето на сомнителните извори, го даваат посакуваниот резултат, рече министерот Клековски.
Тој искажа благодарност на гостиварци за соработката со здравствените власти и посочи дека има околу 500 извештаи за заразни болести и 192 епидемиолошки анкети. Тој оцени дека ова е важно, за како што кажа, објективност на постапките.
- Ние мора да ја поставиме точната хронологија на настаните: да ги установиме првите случаи, како започнало, како продолжиле настаните. Во делот на контролни мерки, Институтот за јавно здравје вчера веќе зема нови примероци од водата. Земени се девет примероци од две чешми, од две градинки, од Општата болница Гостивар, од една џамија, од една црква, рече Клековски.
Во меѓувреме се земени се примероци од различни локации, од различен тип на установи, чешми на семејства каде има повеќе заразени.
- Резултатите ќе бидат прелиминарно готови утре, кои ќе влијаат на препораките за начинот на постапување на населението. Во овој момент сè уште важат препораките издадени од АХВ, потенцира Клековски на прес-конференцијата во Гостивар.
Во разговор со управата на гостиварската болница, договорено е да се направи надополнување на резервите на лекови и суплементи и во текот на денешниот и утрешниот ден ќе биде надополнет инвентарот во болницата.
На новинарско прашање околу одговорноста и контардикторностите за исправноста на водата во извештаите на центрите за јавно здравје, министерот напомена дека мора да се испитаат сите можности.
- Јас ќе ги повикам сите што контролирале вода во тој период, бидејќи Јавното комунално претпријатие има законска обврска за секојдневна контрола на квалитетот на водата, и тоа ќе биде земено предвид. Меѓутоа, не барајте сега да кажувам работи што мора да произлезат од објективна анализа, истакна министерот.
Околу можноста за појава на хепатитис, Клековски посочи дека е зголемен бројот на копрокултури кои се земени.
- Покрај локалните анализи тука, сите се анализираат во Клиниката за инфективни болести. Резултатите, бидејќи таму има посовремена опрема, се добиваат многу побрзо и тие резултати се споделуваат со лекарите во Општата болница во Гостивар. Значи лекарите во Општата болница имаат повратна информација што е пронајдено во фецесот кај пациентите. Во моментот нема ниту еден со хепатитис, тоа можам да го потврдам, потенцира Клековски.
За секој случај, додаде министерот, сите заболени ќе бидат епидемиолошки следени.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Одговорност ќе се побара од секој кој со извршување или неизвршување бил вклучен го загадувањето на водата во Гостивар
-

Иран: Секоја британска база што ќе ја користат САД ќе биде легитимна цел
-

Приведен возач-почетник, возел двојно над дозволената брзина на автопат со 211 км/чaс | ФОТО
-

Ангелов: Во Гостивар, вчера и денеска испорачани околу 200.000 литри пакувана вода
-

Герасимовски: Со личен пример да покажеме солидарност, прв ќе донирам, ги повикувам и советниците да ме следат
-

Тошковски: Во гостиварскиот водовод се врши плакнење и хиперхлорирање
-

Трамп: Иран ќе се соочи со голема воена казна поради нападите на Хутите во Црвеното Море
-

Еден осомничен за обид за тешка кражба во Скопје
