Клековски: Македонците плаќаат повеќе за да си го уништат здравјето отколку за да го зачуваат, 600 евра за цигари - 500 за здравствено осигурување

Министерот за здравство Сашо Клековски предупреди дека просечниот пушач во земјава годишно издвојува над 600 евра за цигари, што е повеќе од износот што се плаќа за здравствено осигурување. Тој оцени дека станува збор за неодржлива состојба, особено ако се има предвид дека пуши половина од населението, односно дека голем дел од граѓаните трошат повеќе пари за да му наштетат на здравјето отколку за да го заштитат.
- Значи ние имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење, отколку за здравствено осигурување. Носителите на осигурување годишно издвојуваат околу 500 евра, заедно со придружните осигуреници, мислам дека годишното здравствено осигурување е околу 420 евра, а велиме над 600 евра се издвојуваат годишно за цигари и мислам дека тоа е неодржлива ситуација, во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето, отколку што издвојува за да го заштити здравјето - нагласи министерот, одговарајќи на новинарско прашање на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, во организација на тинк-тенкот Аналитика, во соработка со Светската здравствена организација.
Министерот истакна дека прашањето за пушењето треба да се разгледува и преку достапноста на цигарите, односно преку цената што ја плаќаат пушачите, но и целото општество.
Тој посочи дека новиот закон за забрана на пушењето е насочен кон намалување на пристапноста до цигарите, меѓу другото преку забрана на рекламирањето и нивно тргање од видното поле на потрошувачите.
Како посебен приоритет Клековски ја издвои заштитата на малолетниците, нагласувајќи дека треба да постои општествен консензус околу две основни прашања, да не се пуши во затворени простории и да не се продаваат цигари и слични производи на лица под 18 години.
- Ако треба да направиме некаков општествен консензус во однос на пушењето, за мене две прашања се клучни. Едното е дека не може да се пуши во затворен простор, а второто е дека не може да се продаваат цигари и слични производи на деца под 18 години - рече Клековски.
Тој најави дека по донесувањето на законот ќе биде ставен посебен акцент на контролата на продажбата на тутунски производи на малолетници, посочувајќи дека според извештаите, повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени при обидот да купат цигари.
Клековски посочи дека цената е втор важен фактор за достапноста на цигарите и дека евтините производи што му штетат на здравјето стануваат полесно достапни. Според неговите пресметки, просечен пушач кој троши околу 270 кутии цигари годишно издвојува повеќе од 600 евра.
Клековски ја отвори и можноста дел од приходите од акцизите и зголемувањето на цените на тутунските производи да се наменат за здравствениот фонд, со цел средствата собрани од производи штетни за здравјето да се користат за лекување на последиците од нивната употреба.
Во однос на законското решение, Клековски информира дека тоа е во комисиска расправа во Собранието. Посочи дека побарал да му се даде максимален приоритет, имајќи предвид дека по неговото усвојување ќе следуваат подготовките за спроведување, вклучително и обуки за инспекциските служби и активности на терен.
Во врска со акцизите, нагласи дека нивното утврдување не е во негова надлежност, но неговиот став е дека штетните производи не треба да бидат најевтини и лесно достапни на пазарот.
МИА
Ново на Сител
-

СДСМ поднесе иницијатива за итна собраниска седница
-

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за 2027 ќе донесе економски раст
-

Битиќи: Власта не ги прифаќа нашите амандмани
-

Левица со предлог измени на Законот за урбанистичко планирање
-

Докторите бараат обезбедување
-

Секој втор Македонец пуши цигари
-

Со европски пари се обновува штипско Ново Село
-

Преглед на вестите од светот
