Македонија
15. јуни 2025 - 16:34

Кочани на приоритетната листа за министерот за здравство - Алиу вели дека нема да оперира, туку ќе менаџира со системот

Кочани приоритет на новиот министер за здравство. Азир Алиу утре ќе оди во посета на градот кој се уште живее со последиците од големата трагедија на 16 март. Какви се условите во болницата, каков кадар недостасува, може ли да се работи во објект кој не е реновиран повеќе од 40 години? Решенија за овие проблеми се очекуваат од првиот човек во здравствениот систем. 

- Ние овие денови ќе бидеме во Кочани. Тие средби нема да бидат средби на кои ќе одиме заедно со новинари – идејата е да бидеме заедно со граѓаните и реално да ги согледаме потребите што ги имаат. Утре имам средби со директорката на болницата во Кочани, затоа и ќе почнам оттаму, прв приоритет ни е Кочани, понатаму таквите или слични ситуации кои ги имавме во минатото, а ги имавме затоа што досега немавме работни групи за менаџирање со кризни ситуации“, вели Азир Алиу, министер за здравство. 

Алиу е во министерскиот кабинет една недела. По самиот избор имаше бројни критики како информатичар ќе го лечи здравствениот систем и дали тој е вистинското решение за соочување со големите проблеми во секторот кои бараат итни мерки. 

- Тоа е вистина, јас сум доктор по информатички науки, не сум лекар, но позицијата што ја имам сега е менаџерска. Јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени, за да може лекарот или кардиологот да оперира срце, во реално време, со добри инструменти, отчетност кон граѓаните, а не листа на чекање, вели Алиу.

Иако информатичар, Алиу веќе направил амбициозен реформски план за поравање на здравствениот систем. Неговата програма има пет столба – ќе ги мапира потребите во здравството каде што недостига, платформа за следење на перформансите на болниците, професионален развој на кадрите, план за одржливо финансирање и дигитализација.

Досега сите министри за здравство тргнувале со планови и програми од кои најголем дел останале само на хартија.

Од конечно решавање на сообраќајниот хаос на Клинички, до минимум критериуми за набавка на терапија се реалните проблеми кои го дочекаа Алиу во секторот.