Македонија
8. March 2022 - 16:32

Кога ќе „паднат“ маските во училиштата?

Кога децата конечно ќе ги симнат маските и слободно да дишат за време на часовите? Дали оваа мерка се уште ќе биде задолжителна во образовните установи или право на избор треба да пресече советодавното тело на министерот за здравство. Иако сите очекуваат дека одлука може да има на утрешниот состанок, официјално, оваа точка не е на дневен ред, ни потврдија од Комисијата за заразни болести. На нивната препорака чекаат и членовите на иницијативата – стоп за носење маски во училиштата, кои се разочарани од досегашната инертност на институциите и не ја исклучуваат можноста од повторни протести. Единствен позитивен одговор што добиле е учениците да не носат маски за време на часовите по физичко што било практика во некои од училиштата.

- Комисијата конечно да ја работи својата работа и да биде во интерес на граѓаните односно децата. Паролата дека маски треба за да ги заштитиме возрасните веќе не држи вода..има безброј снимки од прослави за Прочка, денес е 8-ми март ќе има веселби и сите се без маски... значи за сите важи правилото да не носат маски освен за децата, вели Трајче Петковски родител од иницијативата – стоп за носење маски во училиштата.

 Комисијата утре ќе расправа за актуелната епидемиолошка состојба и бројките на кои постојано се повикуваат. Извештајот на ИЈЗ покажува дека најмалку новодијагностицирани има кај возрасната група од 0-9 години – односно намалување за повеќе од 46 проценти.

- 90 проценти од возрасните не носат маски. Иднината треба да ја градиме врз основа на младите а не возрасните. Се пролонгира три месеци нашата иницијатива, вели Петковски.

И додека кај нас анализираат, во многу земји меѓу кои Белгија, Данска, Словенија, Хрватска... учениците не носат маски за време на наставата.