Кога студентите ќе ги добијат ваучерите од 250 евра за електронски уреди?
Ако сте студент на прв циклус на студии, без разлика дали сте на приватен или државен факултет и се уште немате 29 години, Ви следуваат 15.300 денари за да си купите таблет, лаптоп или десктоп компјутер. Парите се уште не може да ги добиете, бидејќи Владата допрва ќе одлучува кога ќе почне пријавувањето за нив. Дали пред или после избори, од Министерството за дигитална трансформација велат дека прво ќе се консултираат со ДКСК и други изборни институции, па потоа ќе следува владина одлука.
Поднесувањето на барањето за ИТ ваучер ќе оди исклучиво преку Националниот портал за електронски услуги, www.uslugi.gov.mk. За да се избегнат гужви на шалтери, од Министерството советуваат студентите кои досега немаат профил, да си направат веднаш, за да не се мачат подоцна.
Но, откако студентите ќе си направат профил, сепак треба физички да посетат некои од центрите, за профилот да им биде надограден од основно на ниско ниво.
Дополнително, студентите реагираат за ограничувањата во користењето на ваучерите. Велат дека се приморани да купат лаптоп или таблет, а не постои можност овие средства да ги искористат за надогрдување на уредите кои веќе ги поседуваат.
Од дигитална транформација, велат дека студентите мора и физички да посетат некои од центрите за да се утврди нивната сигурност.
Министерството се стреми кон целосна дигитализација на процесите. Сепак, заради заштита на секој студент и сигурност во неговиот идентитет за да се спречат злоупотреби е потребна физичка верификација на идентитетот. Повторуваме дека оваа мерка важи само за студенти кои немаат корисничка сметка во УЈП (која се користи и за МојДДВ). Оние кои ја имаат оваа сметка можат да ја искористат без да одат во некој од Центрите за услуги. МДТ ќе испрати е-маил потсетник до секој студент со кориснички сметки во системот на Националниот портал и МОН за да ја завршат оваа активност на време, ни одговорија од Министерството за дигитална трансформација.
За забелешките на студентите во однос на набавување на периферна опрема, велат дека основната намена на оваа мерка била да се обезбеди уред кој ќе биде основна алатка за учење и работа.
„Со обезбедување на лаптоп, десктоп или таблет, студентите добиваат основна инфраструктура врз која можат понатаму да додаваат периферни уреди, кои се релативно поевтини, според сопствените потреби“, дообјаснуваат од ресорното Министерство.
Дека студентите ќе добијат по 250 евра за електронски уреди, првпат најави премиерот на отворена програма „100 дена Влада“. Следеа најави дека со овие пари може да се купи меѓу другото и мобилен телефон, за на крај Собранието да донесе закон, со кој практично пратениците одлучија дека најсоодветни уреди за да се купат со овие средства се лаптопи, десктоп комјутери и таблети.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар