Македонија
11. February 2023 - 16:40

Кои се идните министри во правда, информатичко, животна средина и здравство?

Каја Шукова, Азир Алиу, Кренар Лога и Фатмир Меџити се новите имиња кои ќе заземат министерски фотелји во Владата. ДУИ го отстапува министерството за животна средина на кадар на СДСМ. Шукова е дипломиран инженер технолог која до сега беше државен секретар за екологија во министерството со кое сега ќе раководи. Работела во областа на заштита на животната средина во насока на одржлив развој и заштита на воздух, води и почви. Шукова е копретседател на поткомитетот за транспорт, енергетика, регионален развој, член е на комитетот за европски интеграции и претседател на Управен комитет на програмата за заштита на прирордата.

Министерството за здравство, правда и информатичко општество ги презема кадар на Алијанса на Албанците. Со бројните предизвици во здравствениот систем во државата ќе се справува д-р Фатмир Меџити специјалист невролог од државната клиника. Тој бил член на управниот одбор на фондот за здравствено осигурување а има искуство и во министерски кабинет за здравство во 2017 кога бил советник на министерот. Меџити е член и на Лекарската комора, македонско лекарско, невролошко друштво и на Европската академија за неврологија.

Како досегашен член од ДИК на местото министер за правда доаѓа Кренар Лога. Својата биографија ја темели на долгогодишно искуство во областа на правото, имал работно искуство на повеќе раководни позиции како во државното правобранителство и Општина Струга.

Доктор по информатичи науки и магистер по електротехника ќе биде новиот министер за информатичко општество и администрација. Азир Алиу е редовен професор на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово. До сега работел по струка во областа на компјутерска архитектура, оперативни системи, машинско учење и вештачка интелегенција.  Алиу во своето екстензивно академско искуство работи на теми поврзани со интелигентни системи, анализа на сигнали и мулти-резолуциони слики, обработка на медицински слики.

Во новиот владин состав најмногу добива Алијанса, СДСМ прави трампа од едно за друго министерство, ДУИ губи во секторот кој беше во фокусот на нивната зелена агенда, а Алтернатива губи двајца министри останува со министерот без ресор задолжен за дијаспора.

Алијанса добива и заменици министри во Одбрана каде е предложен Тирон Јајага и Земјоделие Вјолца Бериша. СДСМ пак оваа позиција ќе ја има во министерството за правда со Викторија Аврамовска Мадиќ и во здравство каде министерот ќе го заменува Маја Манолева. ДУИ по трет пат го менува ресорот за Агим Нухиу кој сега ќе биде заменик во министерството за образование, претходно беше во МВР и Правда.