Македонија
21. August 2025 - 21:05

Колкави се шансите некои општини да не изберат градоначалник?

Долги избирачки ливчиња кои ќе ги одвратат гласачите на локалните избори. Колку е ова реално сценарио? Експертите велат дека тоа нема да биде случај во поголемиот дел од општините во државата. Неуспешни избори за градоначалник се можни, но само во помалите општини кои најмногу се погодени од иселувањето.

Аналитичарот Сефер Селими смета дека изјава на премиерот е само притисок врз независните кандидати. 

-Сценариото е многу малку изводливо, речиси невозможно да се случува во повеќето од општините. Тука не станува за збор, колку тоа може да се реализира или да биде реалност, туку станува збор за пораката која ја праќа премиерот. Не само за оваа Влада, и претходните влади, сите етаблирани традиционални политички партии сакаат да го намалат просторот кадешто независни граѓански листи, граѓани кои имаат различно убедување од традиционалните политички партии можат да функционираат и да бараат гласови на граѓаните, вели Сефер Селими, политички аналичар. 

Изјавата на премиерот Мицкоски за избирачки ливчиња долги по 7-8 метри доаѓа откако пратениците во Собранието не успеаја да изгласаат измени на Изборниот законик со кои за кандидатура на независните ќе им беа потребни 0,5% потписи од вкупниот број избирачи во општината. Со одлука на Државната изборна комисија, сега за кандидатура на независен кандидат потребни се само 2 граѓански потписи. 

Но како Владата може да постави повереник кој би водел една општина? Членот 134 од Изборниот законик го регулира ова. Доколку и по вториот круг не се изврши избор на градоначалник, Владата има рок од 15 дена во кој ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалник.

Државата се соочи со два такви случаи по претходните локални избори – во Маврово и Ростуше и во Центар Жупа, помали општини од западниот дел на државата. 10 месеци по регуларните избори и по едно неуспешно повторено гласање двете општини добија градоначалници.