Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол во прва работна посета на Армијата и Министерството за одбрана

Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол (Joint Force Command Naples - JFCNP) адмиралот Џорџ М. Викоф, кој е во прва работна посета на Армијата, денеска остварил одвоени средби со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На средбата со адмиралот Викоф, министерот Мисајловски се заблагодарил за поддршката од Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол за македонските контингенти во мисијата КФОР на Косово и мултинационалните сили на Алијансата на источното крило, притоа истакнувајќи дека државата е кредибилен сојузник и активен придонесувач во зацврстувањето на безбедноста на НАТО, информира Министерството за одбрана.
- Посветени сме на зацврстувањето на регионалната сигурност, како и на колективната безбедност на Алијансата, а доказ за тоа е континуираниот придонес на македонските војници во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и мултинационалните сили на Алијансата на источното крило - рекол министерот Мисјаловски.
Министерот се осврнал и на воената мобилност, при што истакнал дека државата вложува во развојот на Коридорот 8, како клучен коридор во поврзувањето на Црното со Јадранското Море.
- На средбата со генералот Лафчиски се разговараше за актуелната безбедносна состојба во регионот, постигнувањето на НАТО целите на способност, можностите за реализација на вежбовни активности на македонска територија, како и унапредување на интероперабилноста и натамошното зајакнување на соработката во рамки на Алијансата, информира МО.
Генералот Лафчиски ја истакнал посветеноста на Армијата во одржување на високото ниво на подготвеност и професионалност, како и активниот придонес кој Армијата го дава во рамки на мировните мисии КФОР и АЛТЕА, и НАТО активноста „Forward Land Forces“.
Адмиралот Викоф, пак, ја поздравил професионалноста и придонесот на Армијата и Министерството за одбрана во рамките на НАТО, изразувајќи поддршка за понатамошно продлабочување на партнерството и соработката со Алијансата.
- На денешните средби беше истакната важноста од заеднички и координиран пристап во зачувувањето на стабилноста и безбедноста на регионот, се вели во соопштението.
Во рамки на посетата адмиралот Викоф ќе биде примен и од претседателката и врховен командант на Армијата Гордана Сиљановска Давкова.
Ново на Сител
-

Ребалансот на буџетот и Законот за јавни набавки со над 2000 амандмани на Собраниска седница
-

Филипче: Во кое својство Мицкоски преговара за продажба на Алта Банка?
-

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Заев нека кажат дали стоеле зад внесот на 110 милиони евра „испрани“ пари од Венецуела
-

Македонија на прво место во сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи
-

Неопходно е поголемо спознавање на сопствената историја
-

Преглед на вестите од светот
-

ДУИ обвинува за јазична дискриминација, ИЈЗ тврди дека нема неправилности
-

Тема на денот со Кирил Миноски, поранешен министер за финансии
