Комерцијалните вакцини против грип во Струмица се потрошија за еден ден
Вакцинирањето против грип започна вчера, а денеска повеќе нема вакцини. Само за еден ден во Струмица се потрошени сите комерцијални дози кои биле набавени. Во моментов можност да се вакцинираат и да се заштитат од сезонскиот грип имаат само лицата кои ги исполнуваат условите за бесплатна вакцина. За нив годинава во Струмица биле набавени 1700 дози и нивното вакцинирање тече непречено.
,,Од предвидените и добиени 500 дози вакцина комерцијална, значи онаа што се плаќа, во текот на вчерашниот ден и денеска во утринските часови веќе се истрошија сите 500 дози. Така што од таа вакцина веќе немаме, меѓутоа вакцината што е набавена преку министерството за здравство , значи со мој термин за бесплатните вакцини имаме нормално. Се одвиваа таа постапка со закажани термини, луѓето си доаѓаат , се одвива непречено.,, вели Примариус доктор Силвана Петкоска.
Повисоката свест, но и зголемената старосна граница кај населението се претпоставува дека се главните причини за покачениот интерес за вакцина. Годинава во струмичкиот центар за јавно здравје кој го покрива и подрачјето на Валандово биле набавени 2200 вакцини или за 500 повеќе од лани. За да се излезе во пресрет на сите граѓани кои сакаат , а немале можност да се вакцинираат од центарот велат дека прават напори да се набават дополнителни дози, но засега не може да кажат колку ќе успеат во тоа. Доколку се набават граѓаните ќе бидат известени.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
