Конфликтот со Иран може да ја чини светската економија најмалку 700 милијарди долари

Растот на светската економија и на глобалната трговија се очекува значително да забави оваа година поради нарушувањата во Ормуската Теснина, кои во изминатите речиси 100 дена влијаат врз снабдувањето со нафта, природен гас и ѓубрива по почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран на 28 февруари, пишува Анадолија.
Воениот конфликт на Блискиот Исток предизвика сериозни предизвици за светската економија, покрај големите човечки загуби.
Иран во голема мера го запре комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормуската Теснина како одговор на превентивните напади на САД и на Израел врз земјата.
Поради нарушувањата се погодени околу 20 проценти од светската трговија со нафта и течен природен гас (ЛНГ), 30 проценти од трговијата со ѓубрива, околу 40 проценти од светските резерви на уреа, 50 проценти од резервите на сулфур и 30 проценти од резервите на фосфати.
Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, светската дневна потрошувачка на нафта во април достигнала 104 милиони барели, додека понудата изнесувала 95,1 милион барели дневно. Дневниот недостиг во однос на предвоеното ниво достигнал 14,4 милиони барели, а протокот низ Ормуската Теснина бил прекинат.
Цената на суровата нафта Брент моментно е за околу 30 проценти повисока од предвоеното ниво, додека европските цени на природниот гас пораснале за 50 проценти поради ограниченото снабдување.
Трошоците за гориво за бродовите во меѓувреме се зголемиле за 59 проценти, според податоците на Светскиот поморски совет.
Прекините во глобалната транспортна мрежа и растот на трошоците за гориво создаваат дополнителен притисок врз синџирите на снабдување, што доведува до повисоки инфлациски очекувања и намалување на проценките за економскиот раст.
Организацијата за економска соработка и развој во својот најнов извештај за економскиските перспективи наведува дека времетраењето на војната ќе биде клучен фактор за глобалниот раст. Организацијата разгледува сценарија на „ограничено нарушување“ и „продолжено нарушување“.
Според ОЕЦД, доколку конфликтот биде краткотраен, глобалниот раст би можел да се намали од 3,4 проценти во 2025 година на 2,8 проценти во 2026 година, а потоа да се зголеми на 3,1 процент во 2027 година.
Забавувањето од 0,6 процентни поени би значело потенцијална загуба од најмалку 700 милијарди долари за светската економија, која моментно се проценува на околу 118 билиони долари.
Доколку војната и нарушувањата во трговските текови продолжат, глобалниот економски раст би можел да ослабне на само 2,1 процент оваа година и на 1,8 процент во 2027 година.
Во меѓувреме, рејтинг-агенцијата „Фич“ (Fitch Ratings) ја намали прогнозата за глобалниот економски раст во 2026 година за 0,2 процентни поени, на 2,4 проценти, наведувајќи ја нафтената криза како главна причина.
Од позитивна страна, дел од негативните последици се ублажени од посилните од очекуваните инвестиции во технологии поврзани со вештачката интелигенција, што придонесува за раст на трговијата и на извозот во азиските земји.
ОЕЦД проценува дека растот на светската трговија ќе се намали од пет проценти во 2025 година на 3,1 процент во 2026 година и на 2,9 проценти во 2027 година.
Светската трговска организација очекува глобалната трговија да забави на 1,9 проценти оваа година, по растот од 4,6 проценти во 2025 година, додека во 2027 година би достигнала 2,6 проценти.
Според Конференцијата на ОН за трговија и развој, светската економија се движи кон покревок период, а растот во 2026 година би можел да изнесува 2,6 проценти.
Организацијата предупредува дека меѓу 75-те најранливи држави погодени од кризата, околу 65 се нето-увозници на нафта, со вкупно околу една милијарда жители. Повеќе од 30 проценти од тоа население живее со помалку од три долари дневно.
Порастот на цените на нафтата би можел да додаде повеќе од 20 милијарди долари годишно на увозните трошоци на овие економии кои во голема мера зависат од увоз на енергенси.
MИА
Ново на Сител
-

Истражување: ГЛП-1 лековите за слабеење го намалуваат ризикот од рак за 41 отсто
-

Зеленски ја променил рутата на патување кон Европа поради тензии со Полска
-

Туристи плаќале до 20 евра за влез во Куклите во Кратово, гакораѓаните реагираат за незаконска наплата
-

Почина политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор Аpсим Зеколи
-

Што е „демисексуалност“: Знаци на поврзаност и идентификување со овој поим
-

Иранската револуционерна гарда прогласи целосна борбена готовност и најави операции на сите фронтови
-

Конфликтот со Иран може да ја чини светската економија најмалку 700 милијарди долари
-

Најмалку 12 загинати и над 200 повредени во силниот земјотрес на Филипините
