Македонија
26. December 2025 - 10:09

Контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници во општина Кисела Вода

Жителите на Општина Кисела Вода добија можност правилно да го одлагаат текстилниот отпад, откако беа поставени специјални контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници.

Со оваа иницијатива, Кисела Вода воспоставува функционален и одржлив систем за селектирање и рециклирање на текстилен отпад, во соработка со лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. На овој начин се овозможува правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување на граѓаните во процесите за заштита на животната средина.

По новогодишните празници, како што ибформираат од општината, поставувањето на вакви контејнери ќе продолжи и во основните училишта, со што иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и создавање одговорни навики уште од најрана возраст.

-Со воведувањето на систем за одлагање и рециклирање на текстилен отпад, Општина Кисела Вода прави конкретен и одговорен чекор кон современо управување со отпадот. Нашата цел е на граѓаните да им понудиме практични и лесно достапни решенија кои директно придонесуваат за почиста животна средина и подобар квалитет на живот. Особено значајно е што преку поставувањето контејнери и во училиштата ќе градиме еколошка свест кај најмладите, затоа што токму тие се идните носители на одговорното однесување кон природата. Упатувам благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за партнерскиот пристап и општествената одговорност со која активно придонесуваат кон унапредување на еколошките стандарди и создавање почиста животна средина, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

 

МИА