Македонија
26. December 2025 - 14:26

Претседателот на Уставниот суд најавува нова ера на транспарентност и судски активизам

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на годишната прес-конференција работењето на Уставниот суд изминатата година го оцени како ефикасно и транспарентно, нагласувајќи дека во услови на динамични општествени политички процеси Уставниот суд и покрај притисоците и влијанијата остана цврст столб на правната држава, и неприкосновен чувар на Уставот.

Уставниот суд, според Костадиновски, одговорил на доверината задача професионално, независно, непристрасно.

-Наспроти конформизмот на претходните состави овој состав на Судот покажа судски активизам. Не чекаше некој друг му ја заврши работата, внесовме и применивме значајни реформи. Судот преку својата работа покажа дека правдата не смее да чека, изјави Костадиновски.

Во решавањето на предмети од високи јавен и општествен интерес, како измените на Кривичниот законик, Изборниот законик, но и други Уставниот суд, Костадиновски рече, за првпат во своето постоење ја штитеше уставноста во нејзината најширока можна интерпретација, односно покрај материјалната условност почна да ја цени и формалната уставност или поедноставно како Собранието ги носи законите, во каква постапка.

- Уставниот суд излезе од формализмот и започна нова ера во уставната правда односно почна да ги применува таканаречените метаправни аргументи во својата работа, што значи да ја оценува легитимната цел општествената оправданост и нужност, како и пропорционалноста на законските решенија во однос на целите што сакаат да се постигнат, рече Костадиновски.

Суштината на овие новини, според Костадиновски, е да ја унапреди уставно правната култура, да воведе уставна дисциплина меѓу државните органи, да ги штити трите власти од пречекорување на границите на нивните надлежности и изместениот баланс на спреги и кочници - со еден збор да го обезбеди владеењето на правото и да ја врати довербата во правната држава.

-Ценејќи низ призма на чувствителните предмети на одлуките кои ги донесовме, ќе кажам дека не беше лесно и едноставно, ниту пак одлуките секогаш беа примани со одобрување во јавноста. Но, при носење на одлуките секогаш се водевме по една единствена цел, а тоа е нашата лојалност кон Уставот наспроти сите останати политички, економски, партиски обиди влијанија, изјави Костадиновски.

Тој упати апели до Судскиот совет да постапи итно неодложно и во најбрзо можно време да предложи кандидат за уставен судија, до Собранието да постапи итно не одложно и во најбрзо време да предложи и да избере уставен судија и до политичарите да покажат повисоко ниво на уставно правна култура, да се воздржат од лесно посегнување по етикети и поделби, да покажат реална, а не декларативна посветеност кон владеењето на правото.

-До државните органи да се однесуваат дисциплинирано, да го почитуваат Уставот и да ги штитат гарантираните права на граѓаните. И конечно до сите граѓани ние сме институција која ќе ги штити вашите права и која нема да прави компромиси. Запомнете силата на Уставот лежи во одлучноста на секој еден од нас да го почитува Уставот, а посветеноста и одговорниот пристап кон владеењето на правото и правната држава, претставува денес чин на највисок патриотизам, која е наш долг за сегашните и идните генерации, изјави Костадиновски.

Довербата на граѓаните во Уставниот суд продолжува да расте што, како што рече Костадиновски, се потврдува и со тоа што годинава има оформено рекордни 306 предмети, од кои 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, седум од политички партии, осум од државни институции, три од општини и два предмета оформени по сопствена иницијатива.

- Овие бројки ми овозможуваат да изразам задоволство од укажаната доверба, бидејќи станува се појасно дека граѓаните во Уставниот суд гледаат правно засолниште, институција во која можат да најдат заштитата, рече Костадиновски.

Уставниот суд годинава има решено 230 предмети, што е приближно како и минатата година и се издигнува на просекот во последните пет години.

-Најголем број од решените предмети беа формирани минатата година. Најстариот предмет кој овој суд го реши оваа година датираше 2017, а тоа е Законот за електронски комуникации. Исклучително сум задоволен што изминатата година беше година на значајни историски одлуки и новини во Уставен суд, на конкретен начин, во предметот за Законот за електронски комуникации и измените во КЗ ја применивме новината односно таканаречените интерпретативни одлуки со која Судот за да не создава правни празнини одлучуваше и го задолжи Собранието да постапува во согласност со нашите правни стојалишта, нагласи Костадиновски.

Судот, подвлече Костадиновски, не се двоумеше да поништува закон, како што е примерот со Законот за данокот да се солидарност и не се колебаше да одлучува по таканаречените сензитивни предмети, постапувајќи за платите на судиите обвинителите, за линеарното усогласување на пензиите, верските училишта, Законот употреба на јазиците описот итн.

-Оваа година не стави пред значајни уставноправни предизвици. Наша оценка е дека Судот го положи тестот на професионално одговорно непристрасно и независно постапување во периоди кога бевме напаѓани и етикетирани со непристојни квалификации, кога се вршеа притисоци и влијанија, кога се искажуваа лаги и манипулации насочени кон поединци и кон целата институција. Од такви моменти манифестиравме интегритет и кредибилитет, чувајќи ја нашата независност самостојност во делувањето. Сум кажал и ќе повторам, нервозата кај политичките фактори, кај државните органи, значи само едно дека Уставниот суд  е на правиот пат и успешно си ја обавува својата надлежност, изјави Костадиновски.

Уставниот суд, според Костадиновски и со намален број на судии продолжи да ја  унапредува транспарентноста преку постојано и информирање за сите предмети и активности, а особено со редовното одржување на брифинзи, интервјуа и прес-конференции и на судиите и јас лично како претседател.

-Ќе работиме на обезбедување на широка поддршка од сите политички чинители за да се донесат уставни измени, во кои ќе се предвиди уставен основ за двотретински закон за Уставниот суд, како и да се воведе уставната тужба. Имајќи предвид дека сите технички предуслови се исполнети, јас лично како претседател, ќе инсистирам овој состав на Судот но овозможи снимање и пренесување на седниците на судот во живо, со цел граѓаните да се запознат со работата на Судот непосредно и да разберат какви одлуки, и на каков начин ги носиме. Тоа единствениот начин и најсилниот аргумент граѓаните да ја вратат довербата во институциите на системот, порача Костадиновски. 

МИА