Ковачевски на средба со Мицкоски ќе ги договара имињата за техничка Влада, ВМРО пак, никој не ги известил
Уште месец и половина до новата техничка Влада, имињата на новите министри и заменици допрва ќе се утврдуваат. Премиерот Ковачевски најави дека во следниов период ќе седнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се договорат околу ресорите и да ги потврдат имињата кои ќе го сочинуваат новиот Владин кабинет. До тогаш, познати се само имињата на новиот технички премиер Џафери, и претседателот на Собранието, Јован Митревски.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат, не се запознаени дека треба да имаат средба со Ковачевски ниту пак имаат некаква најава.
“Досега нема најава за средба. Несериозен е потегот на Ковачевски да договара вакви средби преку медиуми”, велат од најголемата опозициска партија.
За тоа дали воопшто ќе учествуваат во техничката Влада со министри во МВР и труд и социјала, од ВМРО-ДПМНЕ допрва треба да се изјаснат, откако најавија дека во следниот период ќе заседава и ИК и ЦО на партијата по ова прашање. Неколку членови на Извршниот одбор на партијата веќе јавно се огласија дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада за да не се злоупотреби изборниот процес.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
