Критична е состојбата на тројца од повредените во вчерашната експлозија во Драчево
Сеуште критична е состојбата на три жени од осуммината повредени од едно семејство во вчерашната експлозија на плинска боца во скопско Драчево. Пациентките втор ден се на интензивна нега на Клиниката за хируршки болести св. Наум Охридски. Најтешко повредената има изгореници над 60 проценти на телото и е приклучена на апарати за дишење. Другите две лица кои се хоспитализирани во старата градска болница се подобро и од Интензивна префрлени се во Центарот за изгореници.
-Во текот на вчерашниот ден се изнуди интубација односно вештачка вентилација на пациентката која беше со над 60 проценти опечена. Се направи торакална дренажа бидејќи се разви пнеумоторакс односно воздух во градната празнина. А кај другите двајца во текот на утрово се направи превентивна ешеротомија односно расекување на деловите на подкожата на двете шаки и наредните неколку часа ќе биде направена истата постапка и на другите двајца пациенти, изјави проф. д-р Виктор Камиловски, дежурен хирург во Клиниката за хируршки болести св. Наум Охридски.
Други двајца повредени кои имале изгореници на рацете, лицето и главата се примени на Клиниката за пластична хирургија.
Несреќата се случи вчера попладне во селото Драчево . Во куќата каде настанала експлозијата живееле тројца браќа со семејствата. Сите биле собрани на ручек, а еден од браќата во другата соба монтирал греалка на плин , по што боцата експлодирала и настанал пожар. Од огнот кој брзо се ширел била зафатена и соседната куќа.
Од полицијата информираат дека во текот на денот екипи од СВР Скопје ќе извршат и ќе биде земен предметен материјал за вештачење за да се утврдат точните причини за експлозијата.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
