Кривична за вработен на Меѓународниот универзитет во Тетово, присвоил 3.362.272 денари од студенти

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против службено лице вработено на Меѓународниот универзитет во Тетово, кое извршувало работни задачи како административен службеник – виш соработник за логистика и теренско работење, поради постоење основи на сомнение дека сторило кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 и „Фалсификување исправа“ од член 378 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Прес-службата на УФП денеска соопшти дека пријавениот А.З., како вработен на Меѓународниот универзитет во Тетово, во периодот од март 2020 година до февруари 2023 година ја злоупотребил својата службена положба и овластувања со намера да прибави противправна имотна корист за себе на начин што, искористувајќи ја својата службена позиција наместо паричните средства што во готовина му биле доверени од студентите на Природно-математичкиот факултет (прв и втор циклус), Факултетот за физичка култура и Факултетот за медицина да ги уплати на сметката на Универзитетот преку веб-апликацијата Е-pay (www.epay.unite.edu.mk), по основ на партиципација, кофинансирање и други трошоци за студирање, тој ги присвоил за себе, при што противправно се стекнал со имотна корист во вкупен износ од 3.362.272 денари, а за истиот износ причинил штета на Буџетот на Универзитетот во Тетово.
- Со цел да го прикрие присвојувањето на паричните средства и трагите од стореното кривично дело, пријавениот изработувал фалсификувани потврди за наводно извршени уплати преку апликацијата Е-pay, кои им ги предавал на студентите како доказ за извршена уплата. За нивната изработка искористил податоци, вклучително и QR-код, од автентична потврда за извршена уплата преку Е-pay со банкарска картичка на неговата сестра, по што со измена на податоците за уплаќачот, износот и датумот на уплата ја преправал потврдата и така фалсификуваните потврди им ги доставувал на студентите. Студентите, верувајќи дека уплатата е извршена, ги прикачувале потврдите како прилог („attachment“) во електронскиот систем и истовремено ги доставувале до студентската служба како доказ за извршена уплата - информира Управата за финансиска полиција.
МИА
Ново на Сител
-

РКЕ: Нови цени на горивата од полноќ, бензините поскапува за три, дизелот за шест денари
-

Димитриеска-Кочоска: Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата
-

Милановиќ со критики за францускиот протокол: Вучиќ не требаше да биде сместен пред Пленковиќ на воената парада во Париз
-

Две лица загинаа и повеќе од 80 се повредени за време на прославите на светската титула на Шпанија
-

ЦУК: До 18 часот регистрирани осум пожари на отворено, еден сè уште активен
-

Трамп сака САД наскоро пак да бидат домаќини на СП во фудбал
-

МЗ: Забележано почетно намалување на бројот на новoпрегледани пациенти во Гостивар, активно се следи состојбата на терен
-

Бернам: На Велика Британија и треба нов политички и економски модел
